Воспитување

Како да започнеме со тоалетен тренинг?

Тоалетниот тренинг е една од оние теми за кои ретко кој зборува искрено. На површина, тоа е „фаза“ што секој родител ја минува, но во реалноста таа е комплексен психофизиолошки процес, преплетен со емоции, очекувања, стравови, успеси и несигурности. За многу родители ова е првото големо учење со детето, учење кое бара истовремено дисциплина, нежност, структуриран пристап и способност да се прифати дека секое дете оди со свој ритам.

Тоалетниот тренинг е развоен процес, а не задача. Општеството често го претставува како низа чекори: нудиш нокшир, чекаш сигнал, пофалуваш. Но вистината е далеку посложена. Детето мора да созрее во четири домени: физиолошки,  когнитивен, емоционален и сензорен. Тоалетниот тренинг не смее да биде воден од возраста, очекувањата на заедницата, споредбите со другите деца или од стравот на родителите „да не доцниме?“ Наместо тоа, водечките фактори треба да бидат зрелоста на: централниот нервен систем, интероцепцијата, регулацијата на стрес, мотивацијата, комуникацијата, емоционалната стабилност, социјалната подготвеност, способноста за следење рутина, адаптацијата на промени.

Кај многу деца со аутизам, интелектуална попреченост, сензорни нарушувања или моторни тешкотии токму овие аспекти се изменети, нерамномерни или доаѓаат со задоцнување. И тоа е нормално. Нерамномерниот развој не значи неспособност, туку потреба од поинаков пристап. Причините може да бидат различни. Сензорни тешкотии, некои деца не го чувствуваат телесниот сигнал или им е непријатна седечката позиција. Комуникациски бариери, детето не може да ја изрази потребата или да побара помош. Рутина и предвидливост, децата со аутизам може да имаат отпор кон промени. Страв од звукот на водата, мирисот, седиштето… сето ова може да биде преинтензивно. Моторни тешкотиипри соблекување, седење, рамнотежа. Но ниту една од овие причини не значи дека детето не може. Тука родителот и стручните лица треба да го направат она што го прават најдобро, да слушаат, да набљудуваат, да адаптираат, да поддржуваат. Родителите најмногу се плашат од следново: „Дали грешам јас?“, „Што ќе мислат воспитувачките?“, „Другите деца веќе одамна се научени…“ Кај родители на деца со попреченост ова чувство често е дуплирано. Тие живеат помеѓу професионални препораки, општествени очекувања и сопствената реалност.

Како изгледа поддржувачки тоалетен тренинг?

1. Детето води, а  возрасниот следи

Во практика најдобри резултати гледам кога родителот се приспособува на детето, а не детето на календарот. Некои деца прво сакаат да седат облечени. Некои сакаат да го допираат нокширот, да стават играчка „да проба“. Некои сакаат визуелна рутина.

2. Визуелна структура и симболи

Особено за деца со аутизам се користат пиктограми (седни → соблечи се → обиди се → поздрави го успехот → облечи се), потоа се користат табли за успеси со стикери или визуелни со часови (по појадок и по ручек).

3. Сензорна подготовка

Пример од практика, дете кое плачеше само при приближување до веце, а проблемот беше ладното седиште. Решение? Мек круг, боја што ја избра самото дете, топло седиште пред употреба. Плачот исчезна во два дена.

4. Моделирање со игра

Детето полесно го прифаќа процесот кога е прикажан како игра, а не како наредба. На пример, кукла што оди во веце и има рутина.

5. Ред, но без голема строгост

Рутина да, но казна никогаш. Тоалетниот тренинг не е поле за дисциплина, туку за учење. Детето не може да биде казнето за нешто што сè уште не го совладало невролошки.

6. За децата со попреченост, многу мали чекори

Понекогаш чекорите изгледаат како да го поднесе звукот, да стои во бањата, да седи 3 секунди, да каже „готово“, да издржи 20 минути суво. Ова не се мали успеси. Ова се големи развојни чекори. Родителството бара огромна емоционална енергија. Тоалетниот тренинг  уште повеќе. И токму затоа е важно да им кажеме на родителите дека не се сами, не грешат и нема „задоцнето“ дете, има само дете со свој развоен пат.

Тоалетниот тренинг е приказна за детето, семејството и заедницата. Тоалетниот тренинг најмногу го обликува семејството. Родителите го носат товарот. Кај децата со попреченост, товарот е уште поголем, повеќе стравови, повеќе притисок, повеќе споредби, повеќе непланирани реакции од околината. Затоа професионалците мора да создадат партнерство со родителот, да споделат реални очекувања, да дадат план, да не осудуваат и да го поддржат родителот психолошки. Тоалетниот тренинг е, всушност, најчовечкиот дел од растењето кога детето учи да се справува со сопственото тело, а возрасните учат да се справат со сопственото трпение, љубов и надеж.

Автор на текст: Марија Давчевска, специјален едукатор и рехабилитатор/ наставник ментор/ реедукатор на психомоторика

Поврзани написи

To top