Воспитување

Како да воспитате среќно дете?

Клучот за воспитување среќно дете е да се воспостави солиден систем за поддршка дома со цел детето да расте задоволно од своите достигнувања и амбиции.

– Целта на родителите е да му помогнат на детето да се чувствува компетентно и самоуверено и да му помогнат да развие чувство на страст и цел – вели Сузан Стифелман, брачен и родителски терапевт и авторка на книгата „Родителство без борби за моќ“.

– Ако сакате да ја подобрите способноста за учење на вашето дете за да ги зголемите неговите училишни успеси, ќе ви треба доследност, посветеност и трпение – вели Мишел Борба, советник за родители и авторка на „Големата книга за родителски решенија“.

Ова се седум техники што ќе ви помогнат да воспитате здраво, задоволно и среќно дете:

1. Поттикнете го развојот на неговите посебни вештини – Секое дете има уникатен сет на таленти. Овие посебни атрибути може да се појават во традиционална училишна средина, но има многу деца кои доаѓаат до израз дури откако ѕвончето ќе го означи крајот на училишниот ден. Активностите како часови по музика или тренинзи по карате можат да им ги отворат мислите без вашиот паричник да мора да биде вклучен во таа приказна.

– Не потценувајте ја моќта на неструктурираната игра – вели Стифелман. Играњето во дворот, танцувањето во дневната соба или фаќањето светулки во природа даваат можност за интелектуален, физички и личен развој.

– Оставете го вашето дете да ве види како пробувате нешто ново, бидејќи тоа може да го инспирира да го стори истото – вели Стифелман.

2. Пофалете го неговиот труд – Истражувањето спроведено од д-р Керол Двек, професорка по психологија на Универзитетот „Стенфорд“ и водечки истражувач во областа на достигнувањата и успесите, покажа дека менталниот состав на една личност може да влијае врз нејзиното однесување. Кога станува збор за родителството, таа предлага да го пофалите вашето дете за неговата напорна работа наместо да го означувате како „паметно“ или „талентирано“.

3. Почитувајте различни стилови на учење – Само затоа што ви треба целосна тишина кога пишувате е-пошта или додека ги плаќате сметките, не значи дека и на вашето дете му треба таква средина за да ја напише домашната задача. Истражувачот Хауард Гарднер од „Харвард“ има воспоставено осум типа интелигенција или начини на кои децата најдобро учат, а некои вклучуваат музички, логичко-математички, јазични и меѓучовечки особини. Трикот е да обрнете внимание на тоа како детето учи најдобро за да можете да го препознаете неговиот специфичен стил на учење.

4. Читајте, читајте и читајте – Кога станува збор за позајмување книга од библиотеката и читање приказни за добра ноќ, никогаш не е рано за тоа. Читањето на децата од предучилишна возраст и чувањето книги дома го поттикнуваат развојот на јазикот, вештините за читање и идниот успех на училиште.

– Дури и ако вашето дете е премногу мало за да разбере сè што ќе кажете, ќе научи да ги препознава ритмите на јазикот што ќе му помогне да изгради речник за слушање – објаснува Сузан М. Хејм, авторка на „Близнаци се! Совети од родител до родител од детството до адолесценцијата“.

5. Вечерајте заедно – Не грижете се ако готвењето не е вашата најсилна вештина затоа што вашето дете ќе напредува поради едукативните и емоционалните награди што ги добива преку разговор, а не поради шпагети карбонара.

– Теми за неформални разговори како „Како ти помина денот?“, „Што научи на часот по биологија?“ или „Како ќе се подготвиш за тестот?“, дозволете му на вашето дете да разбере колку неговото семејство го цени учењето – објаснува Борба.

6. Балансиран сон – Воспоставувањето време за спиење и придржувањето до тој распоред секоја вечер може да биде многу ефикасно, но Борба исто така предлага да ги исклучите компјутерите и телевизорот најмалку 30 минути пред спиење. Ако вашето дете има пристап до мобилен телефон, Борба препорачува да му го земете пред спиење, бидејќи 62 отсто од децата признаваат дека го користат дури и откако ќе се изгаснат светлата без нивните родители да знаат за тоа.

7. Многу гушкање – Прегрнувањето на вашето дете неколку пати во текот на денот ќе му помогне да ја намали напнатоста што може да ја почувствува.

Истражувањето спроведено на запоставени деца покажа дека децата кои не добиваат љубов може да страдаат од хроничен стрес, кој може да ги наруши деловите од мозокот вклучени во фокусирањето, учењето и меморијата.

Студијата објавена во 2005 година во американскиот весник за јавно здравје вели дека нежното допирање на друга личност има моќ да ги ублажи емоционалните, бихевиоралните и физичките симптоми поврзани со стресот.

Не само што прегратките ќе ја подобрат способноста на вашите деца да се концентрираат, туку и вие ќе имате корист од тоа.

Извор

Поврзани написи

To top