Лиза Хефернан и Мери Дел Харингтон ја почнале „Гроун и Флоун“, заедница за родители на деца на возраст од 15 до 25 години, затоа што не можеле да најдат доволно информации за децата на таа возраст.

Веб-страницата, како и нивната книга, се фокусира на успешна навигација во текот на тинејџерските години, како што децата се подготвуваат да заминат од домот.

– Нема многу информации за 13-годишна возраст или поголеми тинејџери. Се чини дека наеднаш сè станува лесно, но сите податоци ќе ви го кажат спротивното. Не само што станува потешко, не само што одлуките донесуваат сè поголеми последици, туку и грешките донесуваат поголеми последици. За повеќето родители овие тинејџерски години стануваат најтешкиот и најосамениот период да се биде родител – вели Хефернан.

Кои беа некои од најтешките години за вас, особено затоа што стануваат независни?

Истражувањата покажуваат дека најтешкиот период е околу средното училиште. Целата работа со независноста, вклопувањето и почетоците и едно нешто што го пишуваме во книгата е дека во ниту еден момент нема да си речете: „Го знам ова!“ Имам деца кои имаат по 20 години и не сум сигурна дека знам многу работи. Целиот лак на родителство е движење по гредата додека балансирате помеѓу правењето многу и правењето премногу малку. Никогаш не знаете дали е добро тоа што го правите, едноставно се обидувате и повторувате. Си поставувате ваков вид прашања: Дали го правам ова бидејќи тој/таа бара од мене да го направам? Или го правам за себе? Дали им помага бидејќи мене ми треба ова или бидејќи им е потребна мојата помош? Дали тука постои можност за учење? Дали постои нова вештина, конкретно интелектуална или емоционална вештина што можам да ја научам преку овој процес?

Не треба вие да ги ослободите од стресот – тешко е да ги гледате децата како се справуваат со стресот, но многу експерти се согласуваат дека стресот е местото каде што се случува учењето. Треба да се осигурите дека се наоѓаат на работ од она со кое можат да се справат.

Разговаравме со психијатар кој го предава предметот Науката за среќата на Универзитетот во Њујорк, д-р Алан Шлехтер. Тој зборува за поставување на стресот во поинакви рамки. Треба да гледате поинаку на работите: не сте под стрес, туку имате одреден предизвик, возбудени сте. Така што, мислам дека една од работите што навистина можеме да ги направиме, за нашите деца да бидат посамостојни, е да ги научиме како да се справат со стресот. Имаме тенденција да попуштиме и да интервенираме. Значи, одговорот не треба да биде како можам да ги спасам, туку стресот треба да се стави во поинакви рамки, дури и на шест години.

Што би му кажале на 6-годишник?

Учете ги децата да кажат: „Можеби сум нервозен, но сум и возбуден“, кога станува збор за некое ново искуство. Обидете се да ја разбудите возбудата за новата можност, без оглед на тоа што е. Ставете ја возбудата во друг контекст, а не врз тоа колку стресна може да биде адаптацијата. Им правите услуга за цел живот, нели?

Кажете ми како родителите да ги научат своите деца да се справат со одбивање.

Одбивањата и отфрлањата се случуваат – едно од поболните е факултетот, но едни од најболните се романтичните односи. Тие честопати се соочуваат со скршено срце во текот на средното образование, а можеби и во основно, а за родителот тешко е да се гледа тоа. Важно е само да сте таму за вашето дете и да го слушате. Кога станува збор за одбивање на факултетот, важно е да им покажете дека постои опција за втор избор. А кога некој ќе раскине со вас, некогаш тоа е поради вас, а понекогаш не е поради вас. Научете ги вашите деца да се обидат и да сфатат кога одбивањето е поврзано со нив, а кога не е. Бидејќи, многу пати ќе бидеме одбиени за многу работи во животот што нема да се поврзани со нас. Навистина е тешко затоа што во тој емотивен момент, може да биде навистина, навистина болно, но е многу важно. Понекогаш треба да почекате да се смират работите и потоа да кажете: „Добро, тоа не успеа. Што можеме да направиме за конструктивно да одиме напред и да спречиме повторно да се случи нешто вакво?“

Имате три момчиња. Како ги научивте вашите синови за одбивањето?

Мислам дека начинот на размислување за некои од овие работи е дека ова се разговори што траат цел живот. Многу родители велат: „Разговаравме за сексуален напад“. Тоа не е разговор, тоа се серија разговори што се случуваат во текот на многу години. Сте разговарале за дрогата? Не, тоа е разговор што треба да го имате со години, дури и кога ќе завршат основно училиште, пред дрогата да се појави во нивниот живот. Потоа, во средно училиште кога знаеме дека дрогата е достапна насекаде, тогаш разговорот треба да се засили. Овие разговори треба да бидат подолги и поспецифични, така што ќе станат и непријатни. Ако ги почнете порано, тогаш ќе ви биде многу полесно.

Како да се движите низ социјалните мрежи кога не знаете како стојат работите?

Не мислев дека треба да се вклучам во социјалните медиуми, па така се обидов да ги научам нешто и покрај тоа што не знаев ништо. Но, важно е да знаете дека не можете да правите така, затоа што децата знаат повеќе од вас, а поради тоа, вие ќе направите грешки.

Како поттикнувате добри односи со вашиот тинејџер?

Полесно е да се разбере и да бидете сочувствителни со вашиот 13-годишен тинејџер кога ќе сфатите дека не станува збор само за злоба, не е до родителот, туку само до развојот на неговиот мозок.

Голем дел од проблемите со децата на оваа возраст е нивната неспособност да се проектираат во иднина на начин на кој ние се проектираме во иднината и ги гледаме последиците на начин на кој ги гледаме. Ние се проектираме 10 години нанапред; тие не можат да се проектираат ни 10 дена нанапред. Значи, голем дел од работите е да се однесувате според нивниот временски распоред и да ги поделите работите во помали делови. Поставете краткорочни цели, краткорочни причини зошто треба да направат одредени работи.

Сите истражувања за тинејџери и млади возрасни во моментов покажуваат дека тие имаат фундаментално различен однос со нас отколку што ние имавме со нашите родители. Значи, тие нè сакаат повеќе, поблиски се со нас, разговараат повеќе со нас, за нивната работа, за нивниот романтичен живот, за ситуацијата на училиште. Тоа не значи дека не се независни. Никогаш не треба да ја мешаме блискоста со независноста. Се случува нова парадигма. Дел од тоа е овозможено со технологијата. Децата ни пишуваат, ни испраќаат пораки, нè ставаат во групни разговори, така што моето семејство буквално секогаш зборува. Ова го опишувам како дигитална трпеза. Разговорот што се случуваше на дрвена маса сега се одвива во дигиталниот простор и тоа е целосно позитивна работа. Голем дел од нашата вознемиреност како родители потекнува од сопственото искуство како тинејџери. Запознајте ги каде се.

Автор: Кети Аулета



912

X