Ако децата не чувствуваат дека им се верува, ако немаат некој близок на кој можат да се потпрат – тие навистина може да страдаат. Естер Војцицки, едукатор и мајка на три ќерки „суперѕвезди“, објаснува зошто довербата е есенцијална и како да се изгради кај младите лица.

Естер инспирирала илјадници деца во нејзината 35-годишна кариера како новинар и наставник по англиски јазик во средното училиште „Пало Алто“ во Калифорнија. Таа и нејзиниот сопруг Стенли, исто така, одгледале три ќерки кои бележат извонредни достигнувања: Сузан (извршен директор на Јутјуб), Џанет, антрополог, добитник на наградата „Фулбрајт“, професор по педијатрија и истражувач) и Ен (кооснован и извршен директор на „23andMe“).

Естер знае како треба да им се помогне на младите лица да пораснат во одлични и успешни возрасни луѓе. Таа пишува и за критичката важност на довербата и како таа да се вгради во културата на децата, почнувајќи од мала возраст.

Сè што ви треба е едно лице, едно лице кое ви верува и ќе се чувствувате како да можете да направите сè. За жал, многу деца, како Мајкл, поранешен мој ученик, го немаат тоа едно лице. Мајкл беше главен уредник во весникот на средното улиште и се бореше да ги претставува сите млади луѓе. За него, притисоците почнаа рано. „Имав многу строги родители“, вели Мајкл. „Ми велеа дека ако не успеам на училиште, ќе станам бездомник“. Неговите наставници во основното образование исто така не му искажале доволна поддршка, а луѓето што погрешно го разбираа неговото однесување и мотивации станаа вообичаена тема во неговиот живот. „Постојано добивав опомени“, вели тој, „од врсниците и од наставниците кои ми велеа дека ако ги следам правилата и обрнувам внимание, ќе успеам повеќе. Тоа беше речиси дел од мојата суштина, да бидам згазен и сè што ќе направев се претвораше во некој вид морален недостиг“.

Запомнете, довербата е заедничка

До периодот додека пристигна во мојот клас, Мајкл се опишувал себеси како „целосно изгорен како куп пепел“. Училишниот весник беше единствената работа што му значеше, а сепак едвај собираше волја за да се појави. Но, се појави. Го запознав како паметно, но исклучено дете. Ќе дојдеше во класот без да има идеја за она што сакаше да го прави или да пишува. Сум видела многу такви ученици – се плашат, но исто така се и бунтовни. Не соработуваат. Тешки се, дури и агресивни, а тоа е така затоа што сите се чувствуваат лошо за себе. Константно се обидуваат да си докажат себеси, а и на другите дека се подобри од тоа што го мислат сите, но постојано се исплашени дека ќе потфрлат.

Мајкл се мачеше со домашната работа по музичка теорија. „Бев исцрпен, се обидував да ја разберам задачата“, рече тој, „ ја завршив само половично“. Другите ученици го задеваа за неговата борба, а тој си помисли, како што правеше често – „Така, не можам да го направам тоа“. Видов што се случува, им пријдов на децата и реков: „Му треба повеќе време бидејќи е интелигентен“. Знаев дека Мајкл сака правилно да ја заврши задачата, а не само набрзина да помине низ неа.

Ова беше првпат Мајкл да слушне некој возрасен да каже дека неговите способности и интелигенција се забележани и за почит. „Да се слушне дека некој верува во мене, дури и во присуство на други ученици кои не веруваат – беше прекрасно. Ми помогна да не се распаднам“, рече тој. Тој ден беше клучен за него. Почна да верува во себе и да се потпира на сопствената самодоверба кога ќе наидеше на препреки и кога некој ќе му кажеше дека нема да успее. Дипломира на неврологија на „Џонс Хопкинс“, каде што сега е невропсихијатриски истражувач. Случајно најде една личност што веруваше во него и тоа ја направи целата разлика.

Родителите и наставниците понекогаш може да заборават колку се важни во животот на децата. Имаме толку голема контрола во обликувањето на нивната самодоверба и слика за себе. Сето тоа почнува со доверба, со верба дека детето е способно. Довербата им дава моќ на децата, без разлика дали е тоа во училницата или надвор, во светот, а процесот на развој на довербата почнува порано отколку што мислиме. Децата што се приврзани за родителите, кои чувствуваат дека можат да им веруваат и да зависат од нив – избегнуваат многу бихевиорални, социјални и психолошки проблеми кои можат да се јават подоцна. Основното чувство на детето за безбедност во светот е основано од лицето кое му укажува грижа и на кое може да се потпрат.

Запомнете, довербата е заедничка. Степенот до кој децата може да ви веруваат ќе се рефлектира и врз нивната способност да веруваат во другите луѓе. Студиите покажале дека децата што се оценети од страна на учителите како лица што помалку веруваат покажувале повисоки нивоа на агресија и пониски нивоа на „просоцијално однесување“, на пример, соработка и споделување. Недовербата кај децата, исто така, е поврзана и со нивното социјално повлекување и осаменост. Ако не почувствуваме дека ни веруваат и дека може да веруваме кога сме деца, тогаш ќе имаме тешкотии да го надминеме тоа. Ќе растеме на тој начин што ќе сметаме дека не сме лица од доверба и ќе ја прифатиме таа карактерна особина. Како Мајкл, стануваме она што мислиме дека сме, а поради тоа можеме да страдаме.

Што можете да направите за да ја изградите довербата со вашите деца?

Овој процес треба да почне набрзо откако ќе се родат децата. Бебињата го набљудуваат секој потег и учат како да го добијат тоа што им треба од нас. Знаат како да нè насмеат. Знаат како да нè расплачат. Може да бидат зависни од нас во сè, но се многу поинтелигентни отколку што  мислиме. Треба да одговорите на нивните потреби, особено во рана возраст, за да можат да мислат и да чувствуваат дека средината во која живеат е од доверба, а исто така раната возраст е фантастично време да почнете да ги подучувате децата на некои важни лекции.

Многу родители постапуваат согласно нивните сомнежи и несигурности: Зарем нивното дете нема потреба од нив? Ако не, какви родители се тогаш? Верувам дека родителите сакаат детето да сака да биде со нив, а не да има потреба. Ваквата тензија настанува првично со спиењето. Вашите деца можат и ќе спијат сами ако верувате дека тие го можат тоа и ако ги научите како. Децата учат да се смируваат самите, кога за тоа ќе им се даде шанса, преку цицање на нивните палци, со користење цуцли, или играње со играчки. Моите ќерки секогаш имаа исполнети животни, а понекогаш се будев и ја наоѓав Сузан како зборува со нејзиното кадифено мече. Џенет пееше во кревет. Бидејќи изградивме врска базирана на доверба, тие научија дека може да се забавуваат самите и да си ги задоволат сопствените потреби, што значеше дека јас и сопругот можевме да одиме на спиење. Вин-вин ситуација.

Како што растат децата, може да им се даваат повеќе можности за да изградат доверба. Изборите што ги правите со своето дете ќе ја диктираат културата на вашето семејство. Секогаш треба да се прашувате себеси дали активно ја градите довербата во нив или дали го оттргнувате детето од себе. Кај малите деца малите достигнувања можат да ја изградат довербата и вербата во себе. Самите нека ги врзуваат чевлите, нека се облекуваат, самите да одат на училиште. Иако се ова мали победи, тие сепак можат да видат видливи резултати од нивниот труд.

Иако не можете секогаш да верувате дека мало дете ќе направи интелигентен избор, можете да го водите во разгледувањето на опциите и изборот на најдобрата. Ако на мојот деветгодишен внук му дадам лижавче и му речам да не го јаде, знам дека тој сепак ќе го изеде. Но, ако му објаснам зошто не смее да го јаде, дека шеќерот не е здрав и дека може да добие кариес, па дека јадењето лижавче пред вечера ќе му го расипе апетитот, ќе почне да учи како да прави подобри избори. Тој можеби ќе го изеде лижавчето, но ако работиме на ваквите одлуки, со текот на времето ќе стекне вештини за живеење здрав живот и грижа за себе.

Кога моите ќерки имаа околу пет години, ги прашав дали се гладни и им поверував на одговорот. Понесов грицки во случај да не расудуваат прецизно и да не препознаат дека се гладни. Ако бевме на долго возење со автомобил и не сакаа да јадат кога ќе застаневме за оброк, ќе им објаснев дека нема да застанеме во друг ресторан во следните неколку часа и им дозволував самите да одлучат што ќе прават. Им верував на нивните одлуки поврзани со јадењето.

Со тинејџерите родителите може да ја воведат довербата во серија чекори. На пример, еве како јас изградив доверба во однос на шопингот, една од моите омилени едукативни активности:

Чекор 1: Родителот прави сè, селектира и ги купува сите предмети што му требаат на детето.
Чекор 2: Му верувате на детето за да дојде со вас во продавница и му дозволувате да донесе најголем дел од одлуките за купување (давањето одреден буџет е одличен начин да го научите детето на финансиска одговорност).
Чекор 3: Му дозволувате на детето да ги собере потребните предмети, па се среќавате на каса во одредено време и го правите завршното купување и плаќање заедно.
Чекор 4: Откако ќе изградите основа за доверба и ќе го научите детето да биде одговорно со парите, можете да му дадете кредитна картичка и да му дозволите да купува самото. Се разбира дека ќе ги проверувате цените и ќе го научите да врши пресметки заедно со вас на крајот од месецот.

Уште еден начин да ја поттикнете довербата кај вашиот тинејџер е да тестирате дали си стои на зборот. Ако рекол дека ќе биде дома до 20 часот, а задоцнил, дали испратил порака или се јавил претходно за да извести? Откако ќе докаже дека може да му се верува, зголемете ги неговите слободи и одговорности. Ако не научил да доаѓа дома навреме, разговарајте за она што тргнало наопаку и заедно барајте решенија. Некои деца имаат проблем со организираноста на времето, но не  откажувајте се, дајте им повеќе можности да научат. Сепак, вештината за организација на времето недостига и кај многу возрасни лица.

Ако децата немаат доверба и не се чувствуваат самите како лица од доверба, ќе имаат тешкотии во процесот на станување независни. Нема да можат да веруваат и да се почитуваат себеси. Кога сме плашливи и постојано се врткаме околу децата, тогаш кај нив влеваме страв.

Автор: Естер Војцицки, едукатор, новинар



912

X