Во оној момент кога детето ќе тргне на патот на социјализацијата, а тоа се првите денови во градинка, од родителот се очекува да се дружи со другите родители. На некои тоа им доаѓа спонтано, а некои родители, баш како и децата, потешко остваруваат социјални контакти и никогаш не успеваат да се интегрираат во некоја од родителските групи.
Преку исповедта на една мајка се анализира колкав проблем претставува нејзината срамежливост, поради што има отежната комуникација со другите мајки. „Бев љубоморна на моето 3-годишно дете, гледајќи го како трча од пријател до пријател во паркот. Ми изгледаше како да го трпам тоа што морам да бидам во друштво со другите мајки само за мојот син да има свој социјален живот“, го опишала една мајка својот проблем со срамежливоста и повлеченоста.
„Цел живот срамежлива, им се чудев на оние што се дружеа со леснотија“
„Кафе со мајките во парк, излети со другите родители и деца, пријатно зборување пред градинка… сите тие активности ми предизвикуваат грч во желудникот. Откако станав мајка, открив дека баш придружното зборување отвора врата за влегување во друштво на другите мајки, но за интровертна личност, срамежлива мајка како мене, разговорите не се толку едноставна активност“, го објаснува оваа срамежлива мајка својот проблем.
„Понекогаш се прашувам дали со мојата срамежливост влијаам врз социјализацијата на моето дете“
„Често се случува да седам сама на клупа во парк и да се преправам дека нешто гледам во телефонот за да избегнам контакт со другите мајки. Кога одам по постариот син во училиште, седам во автомобил доволно долго за да ги избегнам разговорите во училишниот двор. Досега, иако имам 38 години, не ја победив мојата срамежливост и морам претходно да се подготвам за каква било интеракција со луѓето. Се прашувам дали му го отежнувам на моето дете остварувањето на пријателствата затоа што не сум од оние мајки што некој ќе ги повика на дружење. Не сакам поради мене да не го викаат на играње“, признава оваа мајка.
Предизвици со кои се среќаваат родителите што немаат развиени социјални вештини
Детето оди на игра кај својот врсник, а вие сте повикани на дружење. Вашето дете тогаш ги развива своите социјални вештини, но личноста на која всушност ѝ треба помош за склопувањето нови познанства сте всушност вие. Верувајте, срамежливите мајки би биле многу среќни да можат лесно да склопуваат пријателства. Мајките, кои се воедно и пријателки, може да си бидат поддршка една на друга во различните проблеми што ги носи мајчинството. Повлечените лица, кои тешко создаваат пријателства, не го откриваат веднаш својот карактер, а во површните разговори немаат можност да ја покажат ниту својата духовитост ниту своите компетенции.

Затоа, за срамежливите мајки, групите од мајки пријателки се застрашувачки: всушност, не се мајките застрашувачки, туку групните дружења бидејќи тие подобро функционираат во дружењата еден на еден, каде што по некој подолг контакт успеваат да покажат дел од својот карактер. Помислата дека ги набљудуваат повеќе од еден пар очи е еднаква на најлошиот кошмар. Мајките кои тешко се вклопуваат во друштвото на нови мајки постојано размислуваат за тоа што мислат другите за нив, и тоа им создава дополнителен притисок. Со оглед на тоа дека не можат при запознавањето да покажат некоја членска карта на клубот на срамежливи, им преостанува само да се надеваат дека другите родители нема да ги осудат поради нивната повлечена природа. Пронаоѓањето теми за разговор со присутните родители и учеството во разговор за мајката која се бори со срамежливост навистина претставува проблем.
Срамежливоста може да биде препрека за опуштено дружење со другите родители, но изложувајќи се на такви ситуации и најголемите срамежливци може да стекнат доволно ниво на развиеност на социјалните вештини за да функционираат во родителските кругови. Ако срамежливите мајки подобро се чувствуваат во контактот еден на еден, сигурно постои и група во градинката или одделението со барем една мајка со која, за почеток, може да разменат насмевка и понекоја информација. Ако вашето дете ужива во игра со своите врсници, искористете го детското игралиште како полигон за вежбање на сопствените социјални вештини. Ако немате секогаш спремни теми за разговор, можете само да се смешкате, и тоа е социјално прифатливо. И на крајот, убавината на родителството е во тоа што преку љубовта кон своите деца и преку грижата за нив, и ние, како родители, се развиваме. Родителството ги менува родителите.
Автор: Сања Матасиќ