Многумина уште во раните утрински часови се чувствуваат исцрпено и нервозно, што често води кон конфликти со домашните. Прочитајте како една мајка успеа да се справи со ова однесување и утринската рутина на семејството да ја доведе во целосна хармонија и мир.
– Мојот дванаесетгодишен син е многу бавен наутро. Дури и кога ќе ги отвори очите, тој е спие, барем додека не му проциркулира крвта. Му треба време за да се активира и да почне да комуницира. По сè изгледа ќе биде од оние тинејџери и возрасни луѓе што десетпати го одложуваат алармот пред да станат од креветот. Потребно му е дополнително време за да се подготви бидејќи, поради поспаноста, буквално се влече околу куќата.
Јас сум чиста спротивност. Кога ќе го слушнам алармот, скокнувам од кревет. Никогаш не го одложувам и секогаш одвојувам доволно време за да се спремам. Таа идеја да ги искористам уште тие „пет минути“ едноставно не функционира кај мене.
Како што можете и да си замислите, постои голема разлика меѓу мене и мојот син во начинот на кој се бориме со утринската рутина, па често имаме конфликти и фрустрации. Утрата во мојот дом во најдобар случај завршуваат со нервоза, а во најлош случај со викање и карање. Во повеќето случаи чувствував вина што со таков тон практично го избркав од куќата. Си замислував како одам на училиште само за да му кажам колку ми е жал (но, исто така и: „Можеш ли само да се облечеш? Колку е тешко да навлечеш панталони и кошула? Те молам кажи ми зошто е толку тешко? И како тоа никогаш не знаеш каде ти се чевлите?“).
По една голема утринска кавга во која мојот син со многу лоши и болни зборови ѝ се обрати на својата сестра, која само сакаше да остане настрана од нашата кавга, сфатив дека нешто мора да се промени. Неговото спротивставување почна на сите да им го уништува почетокот на денот. Ни моето приговарање не е од помош. Двајцата мораме нешто да промениме.
Првата работа што решив да ја направам е забрана за користење на телефонот и лаптопот сè додека два дена по ред не ми покаже дека бил љубезен кон мене и кон неговата сестра, и да ги извршил сите свои обврски. Бидејќи знам дека ако му досадувам, тоа само дополнително ќе го вознемири, јас се тргнав настрана. Со своите 12 години, мојот син е сосема способен да се подготви без мојата помош.
Направивме утринска листа на која се запишани сите обврски што треба самиот да ги направи. Повеќе не сум во близина за да го потсетувам: „Дали го подготви ранецот? Дали си ги најде чевлите?“
Тој има обврска да ја означи секоја ставка од неговата листа, а истовремено да обрне внимание и на времето. Ги нема повеќе моите предупредувања дека часовникот му отчукува. Доколку работите не се означени пред да го напушти станот, нема телефон и компјутер цел ден, без исклучок.
Јасно дека се налути поради воведувањето вакви правила, но на овој начин единствено можам да ги одржувам работите како што треба. Неговата валута се екраните. Времето за користење на уредите му е ограничено и поради домашните задачи и други активности, и така она малку време што му е останато навистина му е драгоцено.
Оваа листа беше од огромна помош. Не само поради придобивките од сите тие работи што се означени на табелата, туку и поради тоа што јас повеќе не сум во таа приказна. Мојот син и јас навистина сме различни кога станува збор за утринското будење и моето мешање во сето тоа (ајде искрено, никој не е најрасположен пред првото кафе) само може да доведе до караница.
Единствен дел од утрото во кој сè уште учествувам е будењето. Сè уште одам во нивната соба и ги галам по грбот за да се разбудат, велејќи им дека се најдобрите деца на светот. Да бидам искрена, нема да се откажам од ова сè додека сами не побараат.
Сепак, ништо друго од утринската рутина не сакам да правам. И ова е навистина многу мирен начин за да се започне денот за секој од нас.
Поминаа неколку месеци откако ги воведов овие правила во нашиот дом, и забраната за користење на телефонот и компјутерот е применета само неколку пати. Сега сите се будиме расположени наутро. Мојот син развива чувство на самостојност, а истовремено учи дека неговото однесување негативно влијае врз другите луѓе. Неговата помала сестра повеќе не мора да биде под притисок од утринските кавги и викање.