Ова се препораки од Радмила Живановиќ, лиценциран психолог-психотерапевт во „Психотерапика“, дел од Комората на психолози, особено значајни деновиве кога како родители се реорганизираме околу грижата за нашите деца, а тие се живи и љубопитни, си бараат одредена сигурност, колку и да сме несигурни и исплашени
Да се биде 24 часа со детето, и тоа голем дел од времето во затворен простор со постојана необјаснива закана, воопшто не е едноставно, но е возможно. Потребно е да си дадете време и разбирање додека децата, а и вие, да влезат во една нова рутина. За тоа е потребно да поминат од 2 до 4 дена. Во тој период потребно е и родителите да се ориентираат во новите улоги, а и децата да сфатат дека сега ќе поминуваат низ нешто поинакво, нешто што досега не го разбрале.
Децата природно се стремат, како и сите ние, да си ги завршуваат работите на свој специфичен начин, да си ги добијат дружењето и стимулацијата што ги добиваат во рамките на училиштето, и вакво нагло прекинување може да им создаде огромен стрес и да ги вознемири затоа што треба да променат нешто, а не затоа што има пандемија на коронавирус. Родителите од позиција на некој што е одговорен и треба да биде стабилен често знаат да потфрлат во овие први денови додека да се консолидираат, и тешко е понекогаш да играат и да бидат креативни и едукативни додека самите не се „наместат“ и ја прифатат новата улога без притоа да внесуваат преголема драма.
Насоки за разговорот и животот со нашите деца во време на пандемија на коронавирусот
– Не прекинувајте ја вознемиреноста на вашите деца, дозволете таа да се пројави, и обидете се да ја разберете и дајте време да се смири.
– Направете разлика меѓу вашата и вознемиреноста на вашето дете. Не дозволувајте она што вие не можете да го изразите да го прелиете врз детето. А и да се случи тоа, разговарајте зошто ви се случило, дека не е поради реакцијата на вашето дете, и дека ви е жал поради тоа.
Прифатете се себеси такви какви што сте, несовршени, и простете си за вашата реакција, но обидете се да разговарате со друг возрасен наместо да ги изливате бесот и несигурноста врз детето.
– Објаснете му ја ситуацијата на детето на начин соодветен за него, без многу да драматизирате, туку јасно и кратко одговарајте на прашањата што ви ги поставува, кажувајќи му дека ќе има многу прашања на кои, ако не знаете, ќе барате заедно одговор.
– Кога детето поставува многу прашања, тоа не секогаш е затоа што е љубопитно, туку поради тоа што е вознемирено. Треба да ја прочитате таа информација во прашањето на детето и освен одговор, да му обезбедите и убедување дека сè ќе биде во ред, како и да му обезбедите сигурност и постојаност на она што му е потребно.
– Нагласете му, давајќи му и пример преку себе дека е исклучително значајно да ја одржувате хигиена во моментот, дека ова е само период, но заедно ќе го поминете. Објаснете му на вашето дете дека не само тоа, туку и многу други деца седат дома со ограничено движење и наоѓаат начини со своите родители како најубаво да го искористат времето со родителите.
– Многу е значајно да разговарате со вашиот партнер или, пак, со оној со кој живеете во однос на поделба на одговорностите околу згрижувањето на детето.
– Потребно е да постои одржување на рутината на секојдневните активности, иако тоа понекогаш е невозможно, сепак, понудете разновидни активности, но бидете спремни да се вклучите во нови активности иницирани од страна на вашето дете.
– Не угодувајте му премногу на вашето дете, иако на почеток некои задоволства ќе го успокојат, сепак, тоа не треба да биде начин на смирување затоа што еднаш се живее. Не плашете се доколку досега познатите задоволувачи не го задоволат, или пак доколку не знае што ќе го задоволи, може да се појави брза промена на барањата, или пак да има отсуство на барање. Не форсирајте ги работите, туку дозволете да се случат, ваквите реакции се нормални.
– Поставувајте ги и понатаму истите ограничувања. Сепак, земајќи предвид дека станува збор за целодневна окупација, давајте простор да се развие соодветен и адекватен ритам на активности и одмор. Не форсирајте и не одете со вашите идеални агенди во акција. Ова е вонредна ситуација, но сепак не е нешто што е дотолку вонредно да мора постојано да сте на штрек.
– Добивајте информации за ситуацијата преку соодветно повлекување, не коментирајте гласно колку сте исплашени или изреволтирани, обидете се да се исконтролирате, и ако имате потреба да вреснете, направете го тоа во еден поинтимен простор затоа што сега сте под силна присмотра и следење од страна на домашниот детектив, и можеби не можете толку лесно да се прикриете.
– Битно е да се задржат утринските и вечерните рутини на будење и заспивање, сега не е време да се наруши детскиот биоритам зашто утредента не оди на училиште.
– Внимателно со времето поминато пред екран, не треба да постои преголемо изложување, дозволете го, но со ограничено време, во договор со детето, доколку е возможно.
– Доколку треба да завршите некоја работна обврска од дома, подобро е да му ја навестите на вашето дете и затоа да најдете соодветна замена, подобро ќе ве разбере отколку да се криете и да не му објаснувате воопшто зошто сте го смениле вниманието. Сепак, разберете дека нема комотно да ги извршувате обврските како да сте на работа. Имајте толеранција и разбирање за вашето дете, кое ќе притиска побрзо да му се вратите од договореното.
– Доколку едниот од партнерите поинтензивно изреагира во однос на одредено однесување на детето, другиот партнер и родител треба да им го понуди сопственото разбирање и на детето и на вознемирениот партнер, да се обиде да не презема драстични промени, да се обиде семејството да остане заедно во слога и простување. Се разбира, доколку се утврди дека партнерот е видно вознемирен поради ситуацијата.
– Хуморот, движењето, вежбањето, креативните активности, преуредувањето, средувањето по дома, понудени или прифатени од детето, се исклучително битни во овој период. На сите ќе ни треба простор да ја истрошиме енергијата што ја генерираме, па пожелно е да најдеме одреден вентил за таа енергија да се изрази. Да имаме разбирање доколку скокаат на креветот, пуштаат музика посилно, се кикотат и уште многу други работи. На тој начин се празни акумулираната енергија и полесно се смируваат. Ова се однесува и на возрасните, со цел да се избават малку од сериозноста на целата ситуација и да уживаат со децата и кога „не е за уживање“.
912