По девет месеци чекање, се родило вашето новороденче. И тогаш започнува сосема ново поглавје од животот.
Првите денови обично се исполнети со приспособување на новите навики и ритамот на бебето. А набргу потоа следува првиот преглед кај педијатар, кој оправдано плаши многу родители. Потоа на ред доаѓаат другите редовни прегледи, кои се чести на оваа возраст, а за кои треба да бидете добро подготвени.
Во продолжение дознајте како мирно да одите на прегледите, да ги намалите грижите и стресот и да се вратите дома задоволни.
Опремени со информации – како изгледа првиот преглед на педијатар
Без разлика дали избраниот педијатар е во државна здравствена установа или имате приватно здравствено осигурување, важно е да бидете добро информирани пред прегледот за да не си создавате дополнителен стрес и работите да одат во најдобар ред, без паника, стрес и неизвесност. Со добри информации, ќе можете да прашате сè што ве интересира и да ја напуштите ординацијата со јасна слика за здравјето на вашето бебе и за следните чекори, вклучувајќи ги и прегледите. До 12-месечна возраст бебето има 7 редовни посети на педијатар, а доколку е потребно и повеќе.
Првиот преглед на бебето вклучува:
-Мерење на телесна тежина, должина, обем на глава.
-Се проверува бројот на респираторни движења во минута (дишење), бројот на отчукувања на срцето во минута, големината на црниот дроб и слезината.
-Испитување на главата, лицето и сетилата.
-Преглед на градниот кош.
-Испитување на абдоменот.
-Генитален преглед.
-Невролошки преглед.
-Држење на детето, подвижност на зглобовите и мускулен тонус.
-Примитивни рефлекси.
-Плачење.
Првиот преглед се прави кога бебето ќе наполни еден месец и доколку е здраво, ја прима втората доза од вакцината против хепатит Б (бебето редовно прима вакцини во државните институции, според календарот за вакцинација). Лекарот може да побара да се направи ултразвук на колковите при овој прв преглед, кој вообичаено се прави од првиот до третиот месец од животот.
По овој преглед ќе ви биде полесно при следните посети на педијатар, бидејќи знаете како изгледа сето тоа, односно што можете да очекувате.
Бидете трпеливи, но не плашете се да прашате
Оставете го докторот да си ја заврши работата. Секако, трпението не значи дека треба да се плашите да прашате како е вашето бебе, дали лекарот забележал нешто необично и дали сè е во најдобар ред.
Додека докторот го прегледува детето, нека провери сè што мисли дека е важно, не прекинувајте го и не сомневајте се во неговата стручност (секако, секогаш може да има екстреми и исклучоци).
Доколку забележите дека некој дел од прегледот е испуштен, дека одреден дел од набљудувањето е направено површно или пак сте загрижени за развојот и здравјето на бебето – задолжително прашајте го. На овој начин ќе ви падне камен од срце. Така, ќе го упатите докторот да внимава на нешто што можеби не му паднало в очи, а потоа ќе ве испрати на дополнителни тестови.
Што да побарате од педијатарот?
Доколку сте забележале нешто невообичаено во развојот на детето, ви се чини дека нешто не е во ред или отстапува од она што стандардно го навел докторот како дел од неговиот развој, задолжително побарајте да го прегледа и подетално и прашајте дали има нешто што можете да направите и на што треба да обрнете посебно внимание.
Покрај тоа, можете да го користите прегледот на педијатар за да поставувате прашања за спиењето, цицањето, столицата, грчевите во стомакот и навиките на бебето.

Бебето плаче, а здравствениот дом е преполн – што сега?
Доколку сте избрале педијатар во државна институција, често не можете да ја избегнете оваа ситуација и таа е една од оние што предизвикуваат непријатност кај секој родител. Каде да најдете соба за доење, дали да излезете надвор, што ако за тоа време ве повика педијатарот, како да го смирите бебето… Овие ситуации може да се избегнат со склучување договор за приватно здравствено осигурување за целото семејство или за еден возрасен и едно дете.
Како дел од пакетите на одредени осигурителни компании, достапно е дополнително покривање со систематски преглед. Прашајте кои прегледи се опфатени, имајќи предвид дека бебињата и децата имаат задолжителни периоди кога се вршат детални прегледи и треба да одите на сите. Во случај да забележите дека вашето бебе има здравствен проблем, со едноставно јавување во кол-центарот можете да закажете точен термин со педијатарот и тоа многу брзо.
Секако, доколку не можете да го договорите ова осигурување, а одите на лекар во државна институција, обидете се да прашате кога има помалку пациенти и обидете се да закажете прегледи во тој период.
Смиреноста и трпението се вештини кои ќе ви бидат најважни во првите денови со вашето бебе, а истото важи и кога зборуваме за прегледи кај педијатар.