Многу трудници се плашат од предвремено породување. Иако, се разбира, предвремено родените бебиња можат да бидат совршено здрави, предвременото раѓање го зголемува ризикот од некои здравствени проблеми и компликации.

За жал, не постои ништо што може 100 проценти да го спречи предвременото породување, кое се дефинира како породување пред 39. недела од бременоста, но има некои работи што можат да го намалат ризикот.

Прво што е важно е да отидете на преглед веднаш штом ќе дознаете дека сте бремени, а потоа да продолжите да ги следите сите упатства што ви ги дава лекарот и да одите на редовни прегледи. Еве што можете да направите за да го намалите ризикот од предвремено породување:

-Ако имате какви било здравствени проблеми, како што е дијабетес, следете ги упатствата на вашиот лекар и држете го под контрола.
-Не пушете цигари и не пијте алкохол.
-Хранете се здраво – јадете многу овошје, зеленчук, цели зрна, месо итн. и бидете физички активни како што ви кажал вашиот лекар.
-Обидете се да се здебелите во нормални граници – ниту премалку ниту премногу.
-Заштитете се од инфекции колку што можете – редовно мијте ги рацете, не јадете месо што не е доволно термички обработено, не консумирајте непастеризирани млечни производи.
-Намалете го стресот што е можно повеќе и побарајте помош од најблиските кога ви е потребна.
-Ако имате некои ризик-фактори, разговарајте со вашиот лекар. Во некои случаи лекарот може да препише инјекции со прогестерон за да се намали ризикот од предвремено раѓање.

Она што, исто така, треба да го имате на ум е дека жените што претходно имале предвремено породување, имаат зголемен ризик во следните бремености. Исто така, постои поголем ризик од предвремено породување кај повеќекратните бремености, но и кај жените што имале операција на карлицата, како отстранување на фиброиди или имаат скратено грло на матката во 22. недела од бременоста или порано. Се смета дека ризикот од предвремено породување е поголем кај жените кои претходно имале спонтан абортус во второто тримесечје од бременоста.

Експертите истакнуваат дека е важно трудниците да пијат доволно течности во текот на денот за да избегнат дехидратација, што може да доведе до контракции. Општата препорака е дека на жените им требаат околу осум чаши вода дневно, иако тоа зависи од многу фактори – оние што се физички поактивни, на пример, треба да пијат повеќе.

Инфекциите на уринарниот тракт може да го зголемат ризикот од предвремено породување, па затоа е важно доколку имате какви било симптоми, како што се печење за време на мокрењето, отежнато мокрење или чувство дека не можете целосно да го испразните мочниот меур, да го известите вашиот лекар.

Автор: Наташа Златковиќ

Извор



912

X