Здравје

Како да се лекува мигрената кај децата и тинејџерите

Честите главоболки и мигрени може да почнат во раното детство. Бидејќи се јавуваат кај голем број мали деца, експертите обрнале посебно внимание на овој проблем и ги издвоиле најдобрите начини за лекување.

Речиси 10 отсто од децата и 20 отсто од тинејџерите страдаат од мигрена, а мигрените можат да почнат и во раното детство. Кај момчињата се јавуваат во просек во седмата година, а кај девојчињата во десеттата година од животот. Некои деца раскажуваат за толку интензивна болка, што ги принудува само да лежат во мрачна соба и да се надеваат на олеснување. Тоа некогаш може да биде огромен предизвик, особено бидејќи состојбата не е секогаш препознатлива. Благодарение на истражувањата што се работени во последните 15 години, докторите денес можат да им помогнат на децата што имаат мигрена.

„Здравствените навики и сестраниот пристап се многу важни“, вели доктор Ендру Херши, директор на неврологија во детската болница во Синсинати, САД.

Препорака на експертите за лекување мигрена кај децата

– Редовно да се следи историјата на болести кај детето и да се прават физички истражувања, кои вклучуваат присуство на невролог или специјалисти за главоболки.

– Да се вклучи когнитивно-бихевиорална терапија со амитриптилин за да се намали зачестеноста на мигрените.

– Детето да се поттикнува на доволна количина на сон, редовни оброци и соодветна хидратација.

– Да се користи ибупрофен, триптани и да се комбинира суматриптан/напроксен во текот на нападот, за да се олесни болката.

– Да се избегнува ботокс бидејќи, иако е ефективен кај возрасните, тоа не е случај со децата и тинејџерите.

Докторите и експертите ги издвоиле овие неколку работи, но ја истакнале и важноста од промената на стилот на живот. Многу родители се пожалиле дека децата имаат поголеми главоболки ако не спијат доволно, ако не јадат редовно или не пијат доволно вода. Тоа е многу важно „гориво“ за мозокот бидејќи без тоа доаѓа до ширење на крвните садови, што е причина за појава на различни главоболки.

„Здравите навики се механизам кој на мозокот му дозволува сѐ да надомести. Мозокот е под стрес поради дехидратација и нередовни оброци и спиење“, вели д-р Херши.

Стресот на училиште може да биде поврзан со мигрена

Когнитивно-бихевиоралната терапија е важна кај голем број пациенти бидејќи им помага да научат да ја контролираат болката. Им се обезбедува стратегија која може да им служи во борбата со причинителите на мигрената, на пример, важен тест на училиште. Многу стресни моменти, како што се проблеми на училиште или во домот, негативно влијаат врз мигрените. Се заклучило дека мигрените најчесто се јавуваат во понеделник или, пак, на почетокот од учебната година. Стресот веднаш се отсликува во болката.

Експертите предлагаат отвореност кон когнитивно-бихевиоралната терапија уште пред почетокот на учебната година – ако пред тргнувањето на училиште мигрената не се смири, негативно ќе влијае и врз успехот на детето на часовите.

Поврзани написи

To top