Лажното плачење кај децата се дефинира како „плачење“ што не е мотивирано од витални потреби, како што се храна, сон и внимание од родителите, или, пак, болка и емоционални проблеми. Кога се многу мали, децата плачат барајќи задоволување на нивните потреби бидејќи не знаат за друг начин на комуникација.
Како што растат, тие учат да комуницираат, а плачењето станува помалку ефективно од порано, објаснуваат психолозите. Меѓутоа, кога разговорот со нивните родители не им го носи она што го сакаат, на пример, нова играчка од продавница или јадење чоколада за време на ручекот, децата можат да се вратат на старите шаблони, а тоа е плачењето. Иако солзите на детето во овој случај се главно лажни, чувствата зад тие лажни солзи се всушност многу реални. Како што откриваат експертите, детето сака или има потреба од утеха што би ја добило со вистинско плачење. Но, како да препознаете дека детето лажно плаче?
Лажното плачење во повеќето случаи се појавува кога детето ќе се најде во ситуација кога се чувствува фрустрирано, незадоволно и неговата природна реакција е да плаче. Иако понекогаш може да биде тешко да се разликува од вистинското плачење, знаците сепак постојат и подразбираат:

-плукање наместо липтање
-кашлање наместо задушување
-лажно липтање придружено со лажни солзи
-создавање звуци со висок тон
-претерани изрази на лицето
-прекумерно триење на очите.
Многу родители со текот на времето учат да препознаваат кога нивното дете почнува да користи лажно плачење за да го привлече нивното внимание или пак нешто друго. Сепак, наместо да го игнорираме, психолозите советуваат сепак да го смириме нашето малечко и да му покажеме дека сочувствуваме со него во секое време.