Децата ќе почнат да ја разбираат силата на парите штом ќе можат да ги препознаат своите најдраги играчки во продавница – веќе од тригодишна возраст. Претшколските деца веќе може да го сфатат фактот дека парите се клуч за многу работи што тие ги сакаат. Наспроти агресивниот маркетинг кој непрестајно нè повикува да купуваме, родителите сепак се оние од кои децата најмногу учат – од нивната невербална комуникација, разговорот за тоа како да се управува со парите и како да се трошат. Децата чии родители не ги научиле на самоконтрола кога парите се во прашање и во возрасниот период нема да можат да воспостават рамнотежа помеѓу штедењето и трошењето, затоа што, сметаат психолозите, многу е веројатно дека ќе завршат во „жив песок“ на долгови.
– Повеќето родители чувствуваат непријатност кога треба да разговараат за пари со децата. Зошто? Изгледа дека најголемата пречка е нивното скриено значење. Парите или недостигот од нив се влезени во самото јадро на нашите животи – во тоа како живееме и како се гледаме себеси во однос на другите. Тоа прашање покренува многу емоции и животни теми. Контролата на сопствените силни емоции поврзани со пари не е лесна. Без разлика на тоа колку пари имаме, некој друг има повеќе. Без разлика на тоа колку мудро трошиме, штедиме или вложуваме, сè уште се сомневаме во нашите одлуки. Можеби е најтешко да се носиме со врската помеѓу парите и љубовта. Луѓето често ја користат количината на свои пари за да ја докажат јачината на својата предаденост и лојалност“, вели Гордана Буљан Фландер, директорка на Поликлиниката за заштита на деца на град Загреб, Хрватска, во својот прирачник за родители „Го одгледувам ли добро своето дете? Кога и како да се разговара?“
Детето сфаќа дека парите се важен дел од животот, па благодарение на парите, достапни ни се некои од работите што ги сакаме. Затоа, објаснете му на детето дека парите им обезбедуваат удобен живот на вашето семејство и на другите луѓе, но не се мерка за среќа, задоволство, ниту пак ги одредуваат односите меѓу луѓето. Односот кон парите се учи секојдневно низ малите животни ситуации. Тоа не е разговор кој ќе го реализирате со детето и така ќе го отстраните товарот од грбот. Дури и ако малите деца се способни да се расправаат за пари и ако сфатат која е целта на вложеното и добиеното. Ако сметате дека играчката не вреди за парите што ги бараат за неа, обидете се да му објасните на детето што сè може да добие за толку пари. Се разбира дека нема секогаш да инсистирате на „дисциплина“, туку на детето, ако тоа го можете, ќе му го дозволите она што го сака, но мора да имате мерка за да не се случи трошењето пари да се сфати здраво за готово. Без разлика на состојбата на вашата сметка, детето мора да биде свесно дека не може да купи баш сè и дека родителите макотрпно работат за да му обезбедат нормален живот. Со тоа, детето од малечко го учите на одговорност и на свесност дека за повеќето работи во животот треба да се потруди.
Кога да почнете да му давате џепарлак на детето?
Пред да тргне на училиште, на детето не му требаат пари, велат психолозите. Со основците, давањето пари за џепарлак може да биде многу конструктивен начин за учење за располагањето со парите. На пример, детето секогаш нека има одреден износ на пари во својот паричник, но нагласете му дека со тоа мора да располага одредено време. Ако потроши сè во еден ден на слатки, мора да биде свесно дека вториот ден нема да добие ништо. Така од малечко детето се учи како да располага со она што го има, што во иднина ќе му го олесни управувањето со домашниот буџет.