Игротека

Како да преживеете со две деца помали од две години?

Откако едвај сте се навикнале на грижата за едно мало суштество, на прагот веќе доаѓа второто и одеднаш се наоѓате во средиштето на најголемата животна акробација. Иако малата разлика во годините меѓу децата има свои предности, секојдневието со две деца помали од две години може да биде навистина исцрпувачко.

Сара Кампус, основач на платформата „Елдиен мамс фитнес“ и мајка на три деца помали од седум години, од сопствено искуство споделува совети како да се зачува присебноста и да се одржи задоволството на обете деца.

Подготовка на постарото дете пред доаѓањето на бебето

Пред да пристигне новороденчето, охрабрете го вашето постаро дете да игра самостојно.

– Навикнете го на кратки периоди на игра со играчки, сликовници или безбедни активности без вашето присуство. Тоа ќе ја зголеми неговата самодоверба, но и вашата, и ќе му помогне полесно да се снајде кога ќе доите или ќе имате други обврски околу бебето – советува Сара.

Вежбајте и кратко чекање: кажете му „само момент, веднаш се враќам“ и потоа пофалете го за трпението. Така го подготвувате за ситуации кога потребите на новороденчето ќе мора да бидат приоритет.

Постарото дете може да се вклучи во мали задачи како носење марамчиња, средување играчки или избор на приказна за читање.

– Тоа гради чувство на одговорност и ја намалува љубомората бидејќи детето се чувствува вклучено во грижата за бебето – објаснува таа.

Самостојните вештини, како качување на столче за јадење, користење лажица или средување на своите играчки, ви ги ослободуваат рацете кога сте зафатени со новороденчето.

Ритамот и рутините се ваш сојузник

Во пресрет на доаѓањето на бебето, важно е да воспоставите доследна рутина за спиење кај постарото дете. Предвидливите навики за дневни дремки и вечерното легнување ќе му помогнат да биде одморено и помалку избувливо кога бебето ќе го бара вашето внимание.

Ако детето не покажувало особен интерес за бебето во стомакот, сепак вреди да се подготви на доаѓањето на новиот член во семејството.

– Разговарајте за бебето со едноставни, детски разбирливи зборови, на пример: „бебето ќе има потреба од многу галење и млеко“, и читајте му сликовници за тоа како е да се стане постар брат или сестра. Вклучете го во подготовките, дозволете му да избере ќебенце, играчка или облека за бебето. Така ќе се чувствува важно и посебно – советува Сара.

Корисен е и мал „тренинг“ на нежност со кукла или кадифено мече за да научи како нежно да го допира, држи за рака или бакнува бебето.

Првата средба и заедничкиот живот

За време на првата средба, Сара препорачува новороденчето да биде во креветче или кај друг в раце за да можете постарото дете да го пречекате со раширени раце.

– Може дури и да подготвите мал подарок „од бебето“ за постарото дете, тоа му помага да се почувствува посебно – вели таа.

Очекувајте силни емоции, љубомора или регресија, желба да го носите или повторно да користи цуцла. Прифатете ги тие чувства како нормални и пофалете го за однесувањето на „поголемото братче“ или „сестричка“.

– Децата напредуваат кога добиваат позитивна повратна реакција -заклучува Сара.

Извор

Поврзани написи

To top