Денес живееме во многу динамично време каде што често се рушат дневните рутини, со што се оневозможува целосна превенција на стрес

Последицата што може да ја нанесе стресот врз физичкото и ментално здравје е огромна. Кога станува збор за децата, таа зависи од возраста и развојните постигнувања на самото дете, воспитниот стил на родителот и семејната динамика. Колку е помало детето, а потоксичен и хроничен стресот, толку ќе биде и поголема штетата врз неговото здравје. На стрес не се имуни ниту бебињата. На пример, несигурна приврзаност со мајката, сообраќајни несреќи, напад од животно, на пример, куче ја дисбалансираат неврофизиолошката функција на мозокот и неговите биохемиски процеси, што може да придонесе до блокада во развојот на говор, егзакутивни способности, социјален и емоционален развој.

За надминување на ваквите состојби, она што најмногу му треба на детето е поддршката од возрасните (родители, наставници, стручни лица) во чија релација ќе добие уважување на емоциите, рационализирање на некои погрешни или катастрофични убедувања, вештини за релаксација, дефокус, простор и време да се самоизрази, поттикнување на позитивен себеговор, прошетки во природа, физичка активност, пронаоѓање хоби или поле на интерес. Ние денес живееме во многу динамично време каде што дневните рутини често се рушат, со што се оневозможува целосна превенција на стрес.

Она што можеме најмалку да направиме во превенцијата од стрес е да создаваме здрав и хармоничен однос дете-родител, дете-возрасен, однос во кој активно ќе ги сослушуваме и дослушуваме без осуда, поддржувајќи ги и прифаќајќи ги безусловно.

Превенцијата е и во создавање рани здрави навики: здрава исхрана, физичка активност, прошетки во природа, излети и кампувања, спортски активности.

Креирање и одржување дневна рутина, ритуали пред спиење како читање книги, сликовници, изразување преку цртање, пишување, моделирање, слушање музика и танцување, медитирање и јога за деца.



912

X