Ако детето е вообичаено здраво, пропуштањето еден или два оброка кога е болно и кога повраќа нема да му наштети. Сепак, важно е постојано да внесува течности за да избегне дехидратација.

Што предизвикува повраќање?

Повраќањето е чест симптом на многу детски болести. Тоа се случува кога стомачните мускули и дијафрагмата се собираат, додека стомакот се релаксира. Овој рефлекс се јавува кога се активира „центарот за повраќање“ на телото. Овој рефлекс е начин на телото да се заштити од токсини, штетни материи и други гастроинтестинални, невролошки, хормонални и психијатриски предизвикувачи.

Како најдобро да се спречи дехидратација

Терапијата за орална рехидратација е ефикасен и безбеден метод за спречување дехидратација дома. Во првите 24 часа размислете за ограничување на цврстата храна и охрабрете го вашето малечко да цица или да пие мали количини течност, на секои неколку минути за неколку часа. Целта треба да биде внесување најмалку 30 мл на час. Течностите помагаат да се спречи дехидратација и помала е веројатноста од цврстата храна да се предизвика дополнително повраќање.

Како да давате течности

Можете да му дадете на вашето дете течности со шише или чаша, соодветно за возраста. Ако вашето дете не може да пие од шише или чаша, обидете се да користите шприц или лажица.

Каков вид течност треба да му дадам на моето дете?

6 месеци до 1 година

Неразредено мајчино млеко или формула. Ако ова не се толерира, обидете се со раствор за рехидратација што содржи шеќери и соли. Не користете вода.

1 година и постари

-раствори за орална рехидратација
-разреден сок од јаболко или спортски пијалак (половина вода -половина пијалак).

Бидете внимателни со спортските пијалаци. Тие ја заменуваат солта, но можат да содржат и големи количини шеќер, што може да ја влоши дијарејата.

Кога да се јавите кај педијатар

Веднаш повикајте лекар ако детето е премногу болно за да пие, ако стане летаргично или покажува какви било знаци и симптоми на дехидрација. Ова вклучува:

-поретко мокрење (за бебиња, помалку од 6 влажни пелени дневно)
-сув јазик и сува внатрешност на устата
-суви очи и помалку солзи при плачење
-прекумерна поспаност или нервоза
-збрчкана кожа
-кај бебињата, вдлабена фонтанела на главата
-кај постарите деца, слабост, вртоглавица при обид за стоење.

Зошто бебињата и малите деца се изложени на поголем ризик од дехидратација?

Малите деца се особено склони кон дехидратација. Нивните тела се помалку ефикасни во зачувувањето на течностите отколку на постарите деца и возрасните. Покрај тоа, нивната големина значи дека е потребна помала загуба на течности за да дојде до дехидратација.

Извор



912

X