Родителот има важна улога во превенирањето сериозни и долготрајни последици кај детето кои може да настанат поради изложеност на врсничко насилство
Како родителот да открие дали детето е изложено на врсничко насилство?
Преку вклученост во активности кои детето повеќе ги сака и поставување прашања околу училиштето и дружењето, кога и родителот и детето се релаксирани. Наместо општото прашање „Како е на училиште?“, со фокусирање на специфичен дел од денот, детето ќе биде поттикнато полесно да се отвори. На пример: – Како си помина во дворот? Како си помина во кошаркарскиот клуб денес? Како е другар/ка ти? Која активност најмногу ти се допадна денес? Дали има нешто што не ти се допадна? Може да му се спомене дека понекогаш изгледа замислено или загрижено, но без детето да почувствува притисок, бидејќи премногу прашања може да предизвикаат спротивен ефект. Доколку се доживеани неодамнешни промени во семејството (развод, раѓање на брат/сестра, смрт на близок и др.), потребен е отворен разговор со детето околу чувствата и добро е да се побара стручна помош.
Како да се поддржи детето-жртва?
Смирено слушање и фокусирање на детето, да се дознае што точно се случува и да се посочи желбата да му се помогне; да се пофали детето бидејќи го кажало проблемот; образложување дека никој не заслужува да биде жртва; отворено дискутирање со детето околу следните чекори за справување со проблемот. Доколку врсничкото насилство се случува на училиште, потребно е да се контактираат одделенскиот раководител, педагогот и психологот; да се соработува за што подобро да се разгледа ситуацијата со цел да се заштити жртвата; да се објасни проблемот смирено и јасно, со колку што е можно повеќе информации, вклучувајќи времиња, датуми, природата на насилството итн.; посветено да се следи ситуацијата и да се договараат повторни средби. Поттикнување на детето да зборува за емоциите преку цртање или пишување – на пример, ако детето е налутено, да нацрта како изгледа тоа или да напише какво е чувството; градење на детската самопочит со идентификување на силните страни на детето; зацврстување на социјалните вештини на детето преку отпочнување нова активност или хоби според пројавен интерес.
Како детето да се подготви на самозаштита?
Играњето улоги со родителот ќе му помогне на детето подобро да се справува со насилството од врсници. Потребно е детето-жртва да осознае дека детето-насилник има намера да испровоцира одговор што ќе придонесе да се чувствува моќно, па затоа изразувањето емоции и возвраќањето се токму она што го храни. Неопходно е детето да се научи да изгледа спокојно (да не се вознемирува или лути); да го промени начинот на размислување и насилникот да го гледа како човечко битие кое нема моќ над него доколку тоа соодветно реагира. Објаснување на детето дека секогаш може да го контролира сопствениот одговор. Како тоа реагира може да ја влоши или да ја смири ситуацијата. Најдобрата стратегија е секогаш да се одговори смирено и цврсто, со одржување на достоинството.
Подготвување на детето со едноставни фрази кои се директни и не се антагонистички: „Само ќе го игнорирам тој коментар“., „Немој“., „Не“., „Па, така ти си мислиш“., „Веруваш во тоа?“ или, на пр., ако некое дете е навредувано дека е дебело, да одговори со: „Би сакал/а да бидам слаб/а како тебе“; доколку на детето му кажат дека не може да биде дел од некоја група, да им одговори со „Тогаш нема да бидам“ – ако детето не е загрижено, поголема е веројатноста дека ќе сакаат да остане во групата. Советување на детето да игнорира и да глуми дека не го допираат навредите, да се преправа дека насилникот е невидлив, да не го погледнува и да се оддалечи, брзо да погледне во нешто друго и да се насмевне, да изгледа незаинтересирано.
Однесувањето на детето од почетокот на животот се развива во рамките на семејните односи. Љубовта, разбирањето и грижата на родителот ќе овозможат да се чувствува прифатено и уважено во улогата на син/ќерка, со што ќе биде поставен темел за успешни интеракции и надвор од домот.
912