ПРАШАЊЕ: Моето дете успешно се одвикна од пелени на 2 години, но кога ја промени просторијата во градинка, неколку дена имаше неконтролирано мокрење. Сега, на три години, се случуваат периоди кога има незгоди, а многу ретко и во спиење. Во консултација со матичен лекар имаме направено анализи и сѐ е уредно. Ве молам за ваше мислење што треба да правиме во такви ситуации.
ОДГОВОР: Ја разбирам вашата загриженост. Вашето дете влегува во една важна развојна фаза, т.е. период во кој почнува да ја гради својата автономија, својата идентичност и контрола над телото. Ова е период во кој децата учат да ги регулираат своите емоции и телесните функции, но исто така и време на мали регресии кога има промени или стрес од околината.
Она што го опишувате е многу честа појава кај деца кои веќе успешно се одвикнати од пелени. Малите деца се навикнати на структура, на секојдневни навики, повторувања и стабилност и преку рутина тие го чувствуваат светот како безбеден и предвидлив. Кога се случуваат и мали промени (нова просторија, нови воспитувачи, нови деца) тоа создава внатрешна тензија кај детето, а бидејќи сѐ е уште мало за да се изрази, тоа го покажува преку телото.
Детето се враќа чекор назад за да може да оди чекор напред кога ќе се почувствува сигурно. Знам дека понекогаш од фрустрација, грижа и немоќ реагираме поемотивно отколку што сакаме, знаеме да повишиме тон или да кажеме нешто што не го мислиме, но тоа не прави ништо добро. Напротив, тогаш детето станува повознемирено и поуплашено и наместо да добие сигурност и поддршка, тоа станува несигурно и изгубено.

Сега кога малку повеќе разбирате како му е на вашето дете, верувам дека ќе тргнете од разбирањето, а не од очекувањата. Значи, на вашето дете во овој период му е потребен смирен и стабилен родител, некој што ќе го „држи“ во овие моменти на промени. Колку повеќе сте вознемирени, толку повеќе тоа ќе се пренесе на детето.
Зборувајте за градинката, можете да кажете: „Знам дека сѐ ти е ново, со кои играчки играше денес?“ Кога ќе се измочка, кажете му: „Сѐ е во ред, мама е тука со тебе, ајде да најдеме чисти гаќички.“
Поминувајте време во игра, цртање, прошетки надвор. Кога оди во градинка, потврдете „мама и тато ќе дојдат по тебе, мама ќе мисли на тебе“. Ова се развојни промени кои се нормални и кои ќе поминат.
Малата регресија е само знак дека се развива, расте и учи да се приспособува. Регресијата е само начин преку кој децата емоционално ја преживуваат промената.
Доколку ви е потребна дополнителна помош, треба да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com
Билјана (Манасова) Јовановиќ, https://www.facebook.com/PsihoterapevtManasova