Реализирањето „1 на 1“ со вашето дете е времето и просторот кога правите работи во кои детето ужива, без разлика што прави во друштвото на родителите. Тоа е она време од денот кога сме целосно поврзани со детето, а истиот период треба да трае најмалку квалитетни 20 минути. Тоа му овозможува на детето отворен дијалог за сè, без прекинување на разговорот; целото внимание на родителот е насочено кон детето и целиот негов фокус е насочен кон родителот.
Ова се скапоцени моменти кои ви овозможуваат да ги запознаете личноста и идеите, соништата и мислењата на вашите деца. Од ова детето може да види колку се грижите за него и да забележи дека вие сте всушност некој што вреди да се слуша. Едноставно почнувате да го инспирирате со вашите постапки и зборови.
Бидејќи денес родителството е отежнато од динамичното и преангажирано време во кое поминуваат родителите, сепак за да остварувате секојдневно време „1 на 1“, потребно е:
– Поддршката од партнерот, односно другиот родител. Договорете се додека вие поминувате време 1 на 1 со едното дете, тој да поминува време 1 на 1 со другото дете и обратно. Доколку имате повеќе од две деца, тогаш едниот родител ќе биде со децата додека другиот родител поминува 1 на 1 време со едно од децата. Внимавајте да ги искоординирате сите деца без некое од нив да се чувствува занемарено или отфрлено. Вклучете ја и барајте ја ваквата поддршка, имате право на тоа.
– Ослободете се од некои обврски што не се нужни и неопходни во моментот да ги направите (селектирање или пеглање алишта, наместо да готвите, нарачајте храна итн.).
– Исклучете го и тргнете го мобилниот телефон подалеку од вас. Телефонот честопати го одвлекува вниманието, па не дозволувајте да ви го наруши она што го испланиравте.
– Зборувајте минимално, слушајте го активно вашето дете охрабрувајќи го да зборува, поставувајќи прашања од отворен тип и најважно – дослушајте докрај што има да ви каже.
Договорете некаква активност што би ја правеле заедно или, пак, изненадете го детето со она што знаете дека го прави среќно и навистина ќе ужива.
Кога сето ова ќе го воспоставите на дело, време е да се дружите 1 на 1: правејќи прошетка во парк, зоолошка, луна-парк, музеј, цртање, читање приказни, пазарење, миење на автомобилот, одење во ресторан или слаткарница, преуредување на плакарите или фиоките, готвење или правење колачи, палачинки, правење честитки, одење во планетариум, театар, играње со коцки или кадифени играчки, играње друштвени игри итн.
912