Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Како да одржиме добри односи со бабите и дедовците на нашите деца, со кои е разговарано околу воспитувањето на детето, навиките за исхрана, телефоните, има јасно поставени граници околу тие клучни работи, но сепак не се почитуваат? Како да постапуваме кога се комуницира преку обраќање кон детето, а всушност прашањето е насочено за родителите? Како да постапуваме кога од нивна страна пред детето не се почитува ставот на родителот за некоја воспитна одлука?

ОДГОВОР: Денешното родителство е навистина предизвикувачко во однос на тоа да воспоставиме баланс и хармонични односи во воспитниот стил помеѓу родителите-партнерите, а уште попредизвикувачко е воспоставувањето баланс меѓу родителите и поширокото семејство. Отворате навистина значајна тема за секој родител, а која апсолутно влијае врз формирањето на личноста на децата.
Најнапред би ја потенцирала важноста на кохезивно родителство меѓу партнерите родители чиј воедначен став во однос на правилата и границите што ги поставуваме во воспитувањето игра важна улога во комуникацијата и релацијата на родителите со бабите и дедовците, со кои децата најчесто го поминуваат времето. Тоа би значело дека колку е покохезивен воспитниот стил на родителите, толку е полесно да ги презентирате вашите ставови пред поширокото семејство. Исто така, важно е колку време вашето дете поминува со бабите и дедовците од причина што колку подолго време или поголем дел од денот детето поминува кај нив, толку е потешко на детето да му наметнете две различни семејни динамики.

Начинот на кој комуницираме и ја отвораме темата за воспитување со блиските зависи од тоа како ќе нѐ разберат, а со тоа и не соработуваат или соработуваат со родителите. Бабите и дедовците играат важна улога во животот на децата и во развивањето на нивното чувство на припадност. Со самото тоа што тие се активно вклучени во грижата на детето лесно се дозволува прекршувањето на воспоставените граници. Во овој случај бабите и дедовците би сакале да слушнат дека вам ви е важно дека тие се грижат и поминуваат време со вашите деца и дека сте им многу благодарни за сето тоа, но кога станува збор за правилата и границите, уште повеќе ќе ви помогнат вам, а најмногу на вашето дете доколку воспоставите ист начин на дејствување во однос на тоа што може, а што не може да прави детето.

Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Хармоничен свет“, е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X