Карате? Џудо? Џиу-џицу? Постојат толку видови борачки вештини, што е тешко да се изберат најдобрите за вашето дете.
На самиот почеток на карате-тренингот седумгодишниот Вестон седи мирен и медитира две минути. „Воопшто не се подмрднува“, вели неговата мајка Стејси Мекдауал. Вестон е хиперактивно дете кое има проблем со фокусирањето, па можноста да се концентрира за него е вистински предизвик, вели таа. Запишувањето на борачки вештини на четиригодишна возраст била огромна промена во неговиот живот. „Апсолутно има подобрен фокус“.
Зголемената концентрација е само еден дел од позитивните придобивки што можат да произлезат од запишувањето на вашето дете на тренинг по борачки вештини. Тие се одлична физичка вежба, а доброто студио за борачки вештини става посебен акцент на почитта, љубезноста, чесноста, самодисциплината и самодовербата.
Меѓутоа, со толку видови борачки вештини на располагање, како да ја изберете најдобрата за вашето дете?
Пронаоѓање правилен клуб
Секоја борачка вештина има различно потекло, стил и техника. На пример, каратето има силен фокус на ударот, додека и аикидото се спортови во кои повеќе е вклучена борба. За да се искомплицираат работите, многу модерни клубови вклучуваат повеќе од една борачка вештина на часовите.
Меѓутоа, многу поважно од формата што ќе ја изберете се филозофијата на студиото и стилот на учење. Подобро би било да се заинтересирате за нивниот пристап наместо да се фокусирате, на пример, на каратето наспроти џудото.
Клубот е добар ако тоа е место каде што децата се среќни, учат да се сакаат себеси и чувствуваат дека можат да се справат со која било ситуација, а да не се плашат.
Добро е прво пробно да тренира
Пред да го запишете детето, земете неколку пробни часови за да се осигурите дека се забавува и дека добро се вклопува. Потребно е да најдете курс што нуди различни часови за различни возрасни групи.
Дали борачките вештини ќе го направат моето дете агресивно?
Многу родители се загрижени дали борачките вештини промовираат насилство. Доколку се информирате доволно, ќе откриете дека тренинзите повеќе се за учење кореографии на движењето отколку за насилство.