Воспитување

Како да одгледате дете што ќе знае што е правилно, а што не

Своите деца ги дисциплинираме со причина, затоа што сакаме да бидат добри и послушни. Кога родителот му вика на детето и го испраќа во ќош, тоа речиси никогаш не е затоа што сака детето да страда. Тој едноставно се обидува да му помогне на детето да сфати дека неговото однесување влијае врз другите. Родителот сака да го воспита детето правилно, неговото однесување да го приспособи на општествените прифатливи норми.

Но, постои разлика во воспитувањето дете што се плаши дека ако нешто направи, тоа ќе биде неправилно, и дете што ја разбира разликата помеѓу правилното и неправилното. Кога нашите деца ќе пораснат, нема да можеме да бидеме постојано со нив. Ако сакаме да ги научиме да донесуваат правилни одлуки и кога не сме присутни, тие мора да бидат мотивирани од нешто поголемо и поважно од обичниот страв да западнат во неволја.

Не потпирајте се на стравот

За многумина од нас викањето е единствен начин да успееме да го добиеме она што го сакаме од децата. Кога ќе му се изнавикате на детето бидејќи е непослушно, неговото однесување се менува. Тоа со време ќе направи ментална листа на сите оние работи што ве лутат и ќе се потруди да не биде забележано кога ќе ги прави.
Сепак, во тие мали глави се случува нешто кога ги заплашувате да бидат добри. Тие тогаш престануваат да го забележуваат ефектот како нивното однесување се одразува врз другите луѓе и наместо тоа, се фокусираат на последиците што може да влијаат врз нив. Добро однесување е нешто што тие се обидуваат да го постигнат само за да не се најдат во незгода, а не затоа што одлучиле да бидат добри.
Може ќе се однесуваат добро додека сте вие присутни, но тоа нема да трае долго. Во моментот кога ќе го свртите грбот, доброто однесување ќе престане.

Дајте им на децата повеќе избор

Децата не се лоши. Дури и бебињата имаат природна способност да препознаат што е добро. Истражувањата покажале дека бебињата на 14 месеци се обидуваат да им помогнат на другите, онолку колку што можат. Постои природно добро во секој човек, од раѓање. Ние сме социјални суштества и сакаме да си помагаме едни на други.
Еден од најдобрите начини да ја уништите оваа природна љубезност кај детето е да го присилите да прави добро. Експериментите правени со деца покажале дека ако принудите едно дете да направи нешто добро за некого, ќе го стори тоа, но ќе даде најмалку од себе. Но ако му дозволите да избере дали сака да направи нешто добро, тоа ќе направи повеќе отколку што би направило ако го принудите да направи нешто. И ќе продолжи да прави добро. Тоа ќе стане дел од неговиот карактер.

Научете ги децата да ги контролираат своите емоции

Ако децата се способни да прават добро, не значи дека секогаш ќе го прават тоа. Но, постојат причини за ова, а една од најважните се емоциите.
Децата се лути. Тие се импулсивни. Непредвидливи. И на возрасните луѓе кога се емотивни, лути, без разлика колку години имаат, емоциите им влијаат врз одлуките што ги донесуваат.
И тоа е всушност еден од најголемите предизвици на човековата раса – контрола на емоциите. Важен дел од она што нè прави добри е контролата на емоциите.

Разговарајте

Ако сакате вашето дете да се соочи со некоја нова ситуација и да пронајде најдобар начин да го реши проблемот без ваша помош, тоа мора да биде способно да ги анализира работите и да размислува за нив. За ова е потребно вежбање.
Затоа е важно со децата да разговарате за тоа што е добро, а што е лошо. Да разговарате за различни сценарија, за добри и лоши ситуации и да поставувате прашања. На пример: Ако видите некој од вашите пријатели да удира друго дете, што би направиле? И почекајте го одговорот. Слушнете ги неговите мисли, кажете му ги вашите мисли и помогнете му да ги практикува менталните процеси што нè прават да бидеме добри.
Тоа е нешто што можете да го правите во секојдневните ситуации, додека читате книги, си играте. Кога вашите деца се однесуваат лошо, не фокусирајте се само на критиките и лутината. Наместо тоа, прашајте ги: „Што мислиш, што треба да направиш поинаку следниот пат?“ Тој лош момент направете го во можност децата да научат како да бидат подобри луѓе.

Бидете добар пример

Вие мора да бидете добар пример. Децата ги копираат своите родители. Можете да зборувате, да ги дисциплинирате и да ги карате, но тие на крајот ќе бидат слични на вас.
Ако барате од децата да го направат она што вие им го кажувате, а не она што го правите, тие брзо ќе сфатат дека постои разлика помеѓу правилата што ги поставувате и начинот на кој го водите својот живот, а тоа ќе ги научи да го прават истото.
Од друга страна, ако сме доследни во правилата и однесувањето и почитувањето, нашите деца нема само да нè копираат, туку ќе станат и подобри во контролирањето на своите емоции. Затоа што кога знаат дека можат да им веруваат на своите родители, тоа влијае врз нивното гледиште на светот и го олеснува процесот на нивното растење во добри луѓе.

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top