Бележници за книги, игри од пластични чаши, стикери, декорации за дома од камења, печати во форма по избор, мечиња, тегла на среќа, велигденски украси и честитки и многу интересни работи деновиве изработуваат деца-извидници кои се дел од Првиот извиднички одред ПСИО од Скопје.
Тие ги постираат на својот јутјуб-канал, а идејата ја нарекоа „Направи сам“. Целта им е повторно да се дружат меѓу себе, но и на тие што не се извидници да им дадат идеја што да прават додека се дома.
Касија Сентиќ-Габер со свои идеи
– Моравме некако да смислиме да продолжиме да го држиме ритамот и духот кој го имаме. Извидниците им се многу важни на сите наши членови, вежбаме и негуваме позитивни вредности, навики, се грижиме за правилен физички, социјален, карактерен развој кај децата и младите, придонесуваме во образованието на младите, преку систем на вредности врз основа на извидничкиот Завет и закони, да помогнеме да се изгради еден подобар свет, каде што луѓето се самоисполнети како индивидуи и имаат конструктивна улога во општеството – вели Снежана Јанковиќ од ПСИО.
Ова е нов вид вештарство, каде што извидниците можат од дома да направат нешто, да ни го покажат и претстават и да го освојат амблемот.
– Сѐ што треба да направат е да облечат униформа, да стават марама и да снимат видео на кое прават нешто и да ни го пратат. Досега ни стигнаа навистина голем број видеа, се гледа дека извидниците навистина се креативни и кога се дома – вели Јанковиќ, која признава дека на извидниците им е тешко што не се во природа.
912