Веројатно сте слушале или сте читале за тоа колку е важно да не го запоставите постарото дете кога ќе го родите второто затоа што така ќе ја засилите љубомората… и како треба да издвоите време само за вас двајцата, да си играте или да му читате приказни… Тоа приближно е толку будалесто колку и идејата дека во периодот додека имате мало бебе треба да продолжите редовно да се занимавате со спорт, да читате книги, да се негувате, да му посветите внимание на сопругот, повремено да излегувате со другарките…
Кога ги чита ваквите совети, човек се прашува дали нивните автори некогаш имале две или повеќе деца? Притисокот што се создава со ваков начин на размислување навистина е преголем! Кој може да го постигне тоа? Денот трае само 24 часа, а верувам дека вие поголемиот дел од времето сте ненаспани.
Можеби овие мои почетни реченици се малку груби, но веднаш на почетокот сакам јасно да се изјаснам дека повеќето вакви приказни ги сметам за нереални.
Сосема е нормално дека сега ќе имате помалку време за постарото дете бидејќи имате бебе кое цица на секои три часа, на кое треба да му подготвувате кашички, да му менувате пелени, да го шетате… Тоа не го правите затоа што повеќе го сакате помалото дете, туку затоа што во техничка смисла на бебето сте му попотребни.
Штом го читате овој текст, значи дека се трудите да бидете што подобра мајка на своите деца и дека настојувате да пронајдете време за сите членови на семејството, но вашите капацитети се ограничени и не можете преку нив!
Значи, кога ќе можете да се погалите со постарото дете насамо, тоа е супер, а кога не можете, пак е во ред.
Погрешна е претпоставката дека тоа што поминувате помалку време со постарото дете секогаш има негативни последици. Ова е одлична можност за постарите деца да се развијат, да научат дека не може секогаш да бидат во центарот на вниманието, да бидат посамостојни, да бидат понезависни, да зајакнат, сами да се снајдат…
Да се добие братче или сестриче е поттикнувачки настан за развојот на личноста на вашето дете во секоја смисла.
Значи, ве молам, без чувство на вина! Колку што можете вклучете го детето во грижата за новороденчето, кога имате време, посветете му се, но важно е да знаете дека ништо нема да му стане ако не успеете, дека децата се многу посилни отколку што мислиме ние, мајките, со меки срца и дека секоја животна тешкотија, а ова за детето е токму таква ситуација, во себе крие огромни можности за напредување.
Значи, на прашањето како да најдете повеќе време за постарото дете, одговорот е – никако, но тоа не треба да ве вознемирува. Ќе се обидете, па колку ќе успеете, толку. Важно е да знаете дека ништо не морате и дека ништо страшно нема да се случи поради тоа!
Автор: Билјана Грбовиќ