Игротека

Како да му ставите крај на долгото расонување и доцнење на училиште?

Кога ќе започне учебната година, во многу домови секое утро се повторува истата приказна. Едвај успевате да го разбудите детето, а кога конечно ќе го расоните, уште неколку пати повторувате: „Стани, ќе задоцниш!“

Зошто будењето на децата би било обврска на родителите? Кој ќе ги буди кога ќе заминат на факултет? Дали и тогаш секое утро ќе им ѕвоните на телефон и ќе проверувате дали станале? Што ако имате три деца на училишна возраст, а притоа имате и фиксно работно време? Дали стигнувате да се средите за работа откако ќе изгубите по десетина минути на расонување на секое од нив?

Префрлете ја одговорноста на детето

Можете да му купите будилник на детето и да го научите да намести аларм, доколку не знае. Многу деца реагираат позитивно на ова, особено оние што родителите ги учат да го кажуваат времето. Новиот часовник дополнително ги мотивира и ги поттикнува да научат да го кажуваат времето.

Доколку детето, и покрај алармот, не стане навреме, а вие тој ден работите втора смена, дозволете му да задоцни. Без расправии кажете му дека нема да му го оправдате, туку ќе ѝ соопштите на наставничката дека немало никаква посебна причина за доцнењето, едноставно се успал или не му се станувало од кревет. На тој начин му испраќате порака дека мора да одговара за своите постапки и да ги сноси последиците. Кога ќе знае дека мама нема да му го оправда часот, нема да му текне да се успие.

Доколку и вие и сопругот работите претпладне и имате фиксно работно време, а детето е мало за да остане само дома, тогаш пробудете го ако не станало во договореното време. Смирено и без нервоза кажете му дека утре ќе го будите половина час порано, бидејќи очигледно му треба повеќе време да се расони и да се подготви. Тоа значи дека и навечер ќе треба да легне половина час порано.

Не решавајте сè наместо него

Кога конечно ќе стане, започнува нова фаза: ве прашува што да облече, не може да ги најде панталоните, не знае каде му е тетратката, почнува да ја бара, а на крај се сеќава дека ја заборавил на училиште. Сопругот веќе седи во автомобилот и е лут бидејќи и вие и детето доцните, па поради тоа доцни и тој на работа. Најмногу ве загрижува што вие и сопругот се нервирате и се расправате, а на детето воопшто не му е грижа затоа што знае дека ќе му ги средите работите.

Не чекајте да ја најде тетратката или да се врати по чадорот. Без нервоза кажете му дека мора да стигнете на работа навреме и дека немате време да чекате, и дека требало од вечерта да си ја намести чантата. Наместо да брзате, да возите небезбедно, да плаќате сообраќајни казни или шефот да ви одбива од плата поради доцнење, дозволете му на детето да ги почувствува природните последици од своето однесување.

Како да го поттикнете да биде поодговорно и подобро организирано?

Воведете семејни правила – На пример, пред спиење ранците за градинка и ранците за на училиште треба да бидат спремни.

Направете распоред на активности – Доколку сметате дека вашето дете има тешкотии со организирањето, помогнете му со јасен план. Заедно направете постер што ќе го залепите на вратата од неговата соба. На него редоследно напишете или нацртајте ги сите вечерни активности, како и утринските обврски по станувањето.

Дајте му личен пример – Ако и самите сте неорганизирани и заборавате, се враќате по телефонот, барате што да облечете или не можете да ги најдете чевлите, тогаш тешко може да очекувате поинакво однесување од детето. На децата повеќе им влијае она што го правите отколку она што го зборувате.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top