Понекогаш децата се изразено вознемирени и загрижени, веројатно затоа што активно го следат светот на возрасните и сето она што се случува околу нив.
Ако имате вознемирено дете, тогаш веројатно честопати во текот на денот ги слушате следниве фрази од него:
Никако не можам да го направам ова.
Не сакам да одам надвор!
Мразам училиште!
Ова е премногу тешко!
Нема да одам, можеби таму ќе биде претопло.
Што ако се случи…
Што ако таму нема никој.
Што ако таму има многу луѓе.
Итн.
Доколку овие фрази детето контекстуално често ги повторува, можеби треба да се запрашаме што го предизвикува неговото однесување.
Ние, луѓето, вклучувајќи ги и децата, функционираме врз база на психолошки триаголник. Што значи тоа? На врвот од триаголникот стојат МИСЛИ кои предизвикуваат некакво ЧУВСТВО за потоа заемно да го предизвикуваат ОДНЕСУВАЊЕТО на личноста или всушност е сето она што е видливо.
Можеби му треба прегратка, сонце, некој што долго не го видел итн.
Поради тоа, во ситуација кога вашето дете е вознемирено, од особена важност е тоа да ги идентификува и именува своите мисли, а потоа и своите емоции за заедно да создадете стратегии со кои детето би се справило со нив. Многу е важно детето да слушне дека грижата и загриженоста се составен дел од животот и на возрасните, дека е сосема во ред да побара помош и дека не е само бидејќи има многу луѓе што можат да го поддржат, вклучувајќи ги, покрај родителите, и наставниците и пријателите. Потребно е детето да знае дека чувството што го обзема ќе помине и дека не трае вечно, исто како и другите чувства на лутина, среќа, тага итн. Важно е да му помогнете на детето да размислува логично околу работите за кои стравува дека можеби ќе се случат. Тоа значи дека доколку забележите катастрофични мисли кои се нереални, потребно е да му помогнете да ги рационализира и да му објасните колкава е веројатноста таквите нешта да се случат. Откако ќе го направите тоа, побарајте од детето да ја доврши реченицата: Ми треба… Со пополнување на оваа реченица можеби детето директно ќе ви се обрати за помош, а можеби едноставно само ќе ви каже што всушност му треба. Можеби му треба прегратка, сонце, некој што долго не го видел итн.
Во овој контекст ви предлагам една психолошка вежба која можете да ја направите со вашето дете кога сметате дека е исклучително загрижено и вознемирено, а воедно и вежба која му обезбедува чувство на контрола врз самата грижа, што е основна стратегиска цел во справување со вознемиреноста и анксиозноста.
Вежба: Побарајте од детето да нацрта на еден празен А4-формат на лист хартија големо дрво со широка крошна. На друг лист хартија побарајте да нацрта неколку големи јаболка. Во секое од јаболката да ја запише својата грижа, на пример, се плашам дека ќе се случи земјотрес или се плашам дека ќе добијам слаба оценка на утрешниот тест по математика. Потоа побарајте од детето секое од јаболката да го исече со помош на ножички и да го залепи во крошната на дрвото. На крајот потребно е детето да го обои дрвото. Разговарајте за грижите. Откако ќе ја сработи вежбата, детето одлучува што сака да направи со неа, на пример да ја чува или да ја фрли.
912