Тоа е тешка тема, но за некои семејства е дел од секојдневниот живот: Бројот на тинејџери на кои им се дијагностицирани нарушувања во исхраната речиси се дуплирал за време на пандемијата, а тие се едни од најсмртоносните форми на ментална болест што може да ги има една личност. Затоа, разбирливо е колку е страшно да се открие дека вашето дете се бори со тоа. Експерт за нарушувања во исхраната објаснува како родителите да ги поддржат и да им помогнат на децата да се излекуваат.
-Лекувањето на децата и адолесцентите со нарушувања во исхраната е кревка задача. Но, нема ништо кревко во самото нарушување во исхраната: тоа е чудовиште кое го презело мозокот на детето. Особено за децата – оние во програмата за третман што ја водам се на возраст од само 8 години – родителите го преземаат поголемиот дел од битката. Ни требаат затоа што нарушувањата во исхраната се сложени психолошки состојби во кои пациентот можеби не сака да се чувствува подобро. Младите пациенти понекогаш едноставно немаат алатки за борба. Во моето децениско искуство видов колкава разлика прави кога семејствата му се најголема поддршка на детето додека закрепнува и повторно учи како да јаде – вели д-р Лорен Салваторе, директорка на Центарот за бихевиорално здравје и нарушувања во исхраната „Нортвел Хелт“.
Да речеме дека вашето дете штотуку ја добило дијагнозата. Вие сте преоптоварени и исплашени. Од каде, по ѓаволите, да почнете?
Ви треба тим од медицински професионалци
Нешто што вашето дете не може да го направи самото, но апсолутно ќе ви треба: да ги пронајдете сите потребни лекари за да помогнат неговото тело и ум да закрепнат. Ќе треба постојано да посетувате медицински и бихевиорални специјалисти, вели Салваторе. Тие ќе се запознаат со динамиката и рутините на вашето семејство и ќе ви помогнат да се справите со сè, како што се потребите за исхрана на вашето дете и како да се справите со јадењето надвор од домот.
Не заборавајте да го составите вашиот сопствен тим за поддршка, без разлика дали тоа е семејство, пријатели или терапевти, забележува Салваторе. На почетокот ќе има многу закажани прегледи, но потоа ќе се работи за одржување на нови рутини и навики дома.
Создајте позитивна средина околу храната и оброците
Лекарите и терапевтите ќе ви помогнат да разберете како најдобро да го направите ова, а потоа ваша задача е да го одржувате тоа дома. Тие ќе разговараат со вас за тоа како вашето семејство обично подготвува и јаде оброци, за вашите вредности околу храната, за сè – и ќе вградат нови аспекти што го поддржуваат заздравувањето на вашето дете.

Водете сметка за социјалните мрежи на вашето дете
Не е тајна дека социјалните мрежи можат да бидат лоши за сликата за телото на секого, а камоли за тинејџер кој се справува со нарушување во исхраната. Но, тоа може да биде и одличен начин да се поврзете со други деца кои минуваат низ истото. Секое семејство ќе има свој пристап кон следење или можеби одземање на мобилниот одреден период, вели Салваторе. Само бидете сигурни дека ќе застанете и ќе се осврнете на тоа.
Сетете се на вашата улога сега и на вашата крајна цел
Патем, запомнете дека вашата работа е да се осигурите дека вашето дете ги развива вештините што му се потребни за да се справи со нарушувањето во исхраната. Салваторе вели дека родителите треба да го водат нападот против „чудовиштето“ на почетокот, но крајната цел на третманот е вашето дете само да го земе мечот. Тоа е зголемување на автономијата што се случува со текот на времето, но е нешто за кое треба да се внимава како што вашето дете расте.
Нарушувањето во исхраната на вашето дете не е ваша вина
Да, вие играте многу важна улога во помагањето на вашето дете да го надмине нарушувањето во исхраната. Но, Салваторе вели дека е клучно да знаете дека вие не сте го предизвикале на тоа.
-Од анорексија и булимија до прејадување и рестриктивно внесување храна, овие состојби имаат сложени биолошки механизми кои не можат да се поедностават со префрлање на вината. И кај детето и кај родителот нема место за вина. Помага кога тие пристапуваат кон закрепнувањето гледајќи го нарушувањето во исхраната како заеднички непријател, со кој не сакаме нашите млади пациенти да се соочат како возрасни – вели Салваторе.
Децата со нарушувања во исхраната можат да закрепнат и да бидат безбедни и здрави во зрелоста, вели Салваторе. Она што го овозможува тоа се родителите кои препознаваат дека надминувањето на ова нарушување е семејна задача, а не индивидуална.
Автор: Кејти Мекферсон