Постојат неколку форми и видови терапии за респираторни заболувања, но сите имаат јасна цел – да се овозможи проодност на дишните патишта. Една од техниките за ослободување на секретот од дишните патишта е позиционирана или постурална дренажа со вибрации и перкусии (тапкање).
Методите за чистење на дишните патишта често се користат заедно со други терапии, првенствено инхалација и антибиотици, доколку ги препише лекар. Во овој случај, направете постурална дренажа по вдишување и пред да земете антибиотска терапија. Постуралната дренажа се заснова на дејството на гравитацијата во комбинација со различни позиции на телото за да се овозможи движење на секретот од белите дробови до грлото и негово исфрлање.
Како правилно да се изврши постурална дренажа?
Ако детето е постаро, користете перница, а ако е бебе, направете дренажа во скутот. Детето нека се задржи во секоја положба 10 минути. Исто така, постарите деца можат да ја користат техниката на длабоко дишење при дренажата.
За горниот дел од белите дробови – тапкање по грбот
Детето треба да биде наведнато нанапред под агол од 30 степени. Свртете го бебето со лицето кон вас и потпрете го на градите. Седнете и наведнете се наназад. Ако бебето е постаро, можете да го седнете в скут и да го наведнете над раката. Обликувајте ја дланката конкавно, односно благо свиткајте ја како лажица и нежно тапкајте го детето меѓу лопатките и клучната коска, избегнувајќи го ‘рбетот. Постарото дете можете да го ставите на перница, потпирајќи го благо на предната страна.
За горниот дел од белите дробови – тапкање напред
Детето треба да се наведнува наназад, под агол од 30 степени. Со тупаница со конкавна форма тапкајте го бебето во пределот на градите, помеѓу брадавиците и клучната коска.
За долниот дел на белите дробови – странична положба
Ако е бебе, ставете го в скут, настрана. Ако се работи за постаро дете, поставете перница под долната страна на телото така што горниот дел да биде наведнат надолу под агол од 30 степени. Со тупаница во конкавна форма тапкајте го детето под пазувите и од левата и од десната страна.
За долниот дел од белите дробови – тапкање по грбот
Ставете го бебето на стомак, на колена, така што горниот дел од телото да е малку наведнат надолу. Со дланка во конкавна форма, тапкајте го во пределот на долниот дел од ребрата и под пазувите и од левата и од десната страна. Легнете го постарото дете на стомак, а додека го тапкате, држете перница под стомакот за да му „падне“ горниот дел од телото под агол од 30 степени.
За долниот дел од белите дробови – тапкање напред
Ставете го бебето да лежи на грб на вашите колена. Малку истегнете ги колената така што бебето ќе биде малку навалено надолу. Со заоблена дланка допрете го бебето во пределот на брадавиците и веднаш под нив. Ставете перница под грбот на постарото дете, така што горниот дел од телото ќе биде наведнат надолу.
За да ја добиете целосната слика, можете да го погледнете следното видео: