Најпрво сочувствувајте со детето и почитувајте го неговиот страв. Дете на возраст од 1 до 3 години може сосема јасно да го поврзе одењето на лекар со некои непријатни ситуации, како што се земање крв, вакцинација или допирање. Иако малите деца се свесни што се случува на лекар, сепак им е тешко да објаснат зошто тоа е важно и добро за нив, па може да настане фрустрација. Реакцијата зависи и од карактерот на детето, но за да се надмине стравот, најважна е квалитетната подготовка за одење на лекар.

Секогаш кажувајте им ја вистината на децата

Најдобар начин за намалување на стравот е навремена едукација на детето за посета на лекар. На пазарот се достапни голем број сликовници за искуството од посета на лекар. Читајте приказни за интересни лекари, гледајте цртани филмови и разговарајте за тоа што се случува на преглед. Оставете го детето да биде доктор со своите кадифени играчки, па потоа водете го низ можните процедури во клиниката.

Децата, како и возрасните, најмногу се плашат од непознатото. Колку е поблиска темата до нив, толку полесно ќе ги толерираат непријатните третмани. Она што не смеете да го правите е да ги лажете децата дека нема да ги боли или дека нема да добијат инјекција кога знаете дека ќе добијат. На овој начин го нарушувате односот на доверба со детето, што може дополнително да ја зголеми неговата вознемиреност бидејќи ќе знае дека не може да смета на вистината од вас.

Бидејќи ова е исклучителна и често стресна ситуација, при посетата на лекар малку опуштете ги секојдневните правила за користење на екранот и ако детето сака да гледа видео, да слуша музика или да игра нешто на вашиот мобилен телефон, оставете го. Во чекалницата можете да читате приказна или да играте игри со погодување, па дури и да цртате.

По прегледот ќе има забава

Дајте му ја на вашето дете сета поддршка и нежност што можете за да го олесните ова искуство. Во договор со докторот – нека ви седне в скут или држете го за да ја почувствува вашата близина.

Обрнете внимание на вашата анксиозност што се јавува при посета на лекар. Можно е тоа да поттикне некои од вашите стравови или да создаде страв за здравјето на вашето дете. Обидете се да останете смирени бидејќи детето навистина ја апсорбира вашата енергија.

Договорете се дека по посетата на лекарот ќе одите на сладолед или ќе направите нешто забавно во кое детето ќе ужива. Тоа ќе му помогне да се фокусира на позитивното искуство што следува, а не толку на непријатноста и стравот.

Автор: Јелена Перван

Извор



912

X