Паѓањето во несвест е вознемирувачко искуство за родителите. Најчесто веднаш се помислува на епилепсија или некоја сериозна болест на мозокот или срцето. Среќа е што обично не станува збор за ништо страшно. Поголемиот дел од децата не се онесвестуваат поради тешка болест, туку поради еден релативно безопасен феномен.
Што значи кога детето ќе падне во несвест?
Тоа е моментот кога детето нагло колабира. Прво му станува лошо, му се врти во главата, му се лоши и потоа паѓа. Иако терминот колапс е постар, и денес е во употреба, па често го користат и лекарите.
Медицинскиот назив за ваквите состојби е синкопа, т.е. губење на свеста поради привремен недостиг на крв во мозокот.
Зошто доаѓа до губење на свеста?
Кога во мозокот не стигнува доволно крв, тој не добива кислород и шеќер – енергија без која не може да функционира правилно. Затоа, мозокот му наредува на детето да „падне“. Кога детето ќе дојде во хоризонтала, крвта се враќа во главата, мозокот добива доволно крв и свеста се враќа речиси веднаш.
Дали тоа е болест?
Не. Во најголем број случаи ова не е болест, туку наследна склоност кон низок крвен притисок. Обично некој во семејството (најчесто мајката) има низок притисок, па и детето реагира слично.
Овие деца се обично вити, чувствителни и емотивни, и нивниот организам потешко се приспособува кога притисокот дополнително ќе се намали.

Кога најчесто се јавуваат синкопи?
Синкопите најчесто се појавуваат кај деца на училишна возраст, а почесто кај девојчиња отколку кај момчиња. Кај помалите деца (предучилишна возраст) ваквите случаи бараат преглед кај детски невролог за да се исклучат други болести.
Во кои ситуации децата најчесто паѓаат во несвест?
- При нагло станување од кревет, особено наутро;
- При долготрајно стоење;
- Во задушливи простории или при високи температури и влажност;
- При стресни или непријатни ситуации, како вадење крв или гледање нешто непријатно;
- Кога детето е гладно или дехидрирано;
- При висока температура, поради ширење на крвните садови;
- При повраќање или пролив, кога телото губи течности;
- По напорна физичка активност без доволно течности и оброк;
- Кај анемични (слабокрвни) деца, поради недостиг на кислород;
- Кај девојчиња во периодот пред или за време на менструален циклус;
- При нагло слабеење или неправилни диети, особено кај тинејџерки.
Како изгледа типична синкопа?
Најчесто има најава (пресинкопа): детето чувствува вртоглавица, мачнина, студен пот, заматен вид, и станува бледо со посинати усни. Ако во тој момент не легне со подигнати нозе, следува онесвестување.
При самото губење на свеста:
- Нема грчеви или тресење на рацете и нозете;
- Нема пена на устата;
- Погледот не е „замрзнат“;
- Детето не мокри;
- Најчесто трае само неколку секунди.
Потоа детето брзо се освестува, не е збунето, знае каде се наоѓа и веднаш воспоставува контакт со околината.
Како да му помогнете?
- Легнете го детето на рамна површина, со нозете подигнати над нивото на главата;
- Олабавете му ја облеката, особено околу вратот;
- Не давајте му ништо да пие додека не дојде целосно при свест;
- Кога ќе се освести, дајте му вода и малку шеќер.
Ако губењето на свеста се повторува, задолжително консултирајте се со педијатар или детски невролог.
Во најголем дел од случаите онесвестувањата кај децата не се опасни, но важно е родителите да ги препознаат симптомите на предупредување и да реагираат смирено и правилно.