Развојната дисграфија претставува тешкотија во делот на психомоторната организираност, праксичка развиеност, организираност, концепција на простор и дозреаност на чувства. Развојната дисграфија се карактеризира со лоши облици на буквите, недобра графомоторна низа која се манифестира уште на почетокот на учењето на пишувањето. Потребно е да се соработува со стручно лице, меѓутоа, ви давам и предлог-совети што можете да ги примените во домашни услови.
- Вежбајте стабилност (пишувањето подразбира физичка стабилност затоа што пред детето да почне да пишува, потребна е стабилност и сигурност во рамената и правилно држење на телото). Предлог-активности: јакнење на рамената, рацете и дланката, одење на раце со помош на родител, склекови, отворање-затворање штипки.
- Активности за фина моторика – закопчување, откопчување копчиња, нижење мониста, врзување врвки, сечење со ножици, миење на забите со цел активирање на зглобовите на раката.
- Чувствувајте ги буквите преку сетилата – активирајте го детето да ви каже што чувствува, а не само што гледа. На пример, на неговиот грб напишете одредена буква, а тоа да ја погоди. Или пишувајте букви во воздух и погодувајте ги. На овој начин детето развива меморија за редоследот на движењата неопходни за пишување.
- Вежби за ориентација во простор – децата со дисграфија имаат тешкотии во делот на пишување по права линија, исто така, не оставаат празен простор меѓу буквите. Предлог-активност: залепете лента во форма на правоаголник, детето нека се движи по правата линија, забележете ја рамнотежата. Потоа кога ќе го усоврши овој дел, дајте му нови инструкции. Натпреварувајте се со детето, кој повеќе ќе собере топки и ќе ги стави во средина во кутијата, а околу линијата надвор од неа да има топки.

Да не заборавиме дека секоја тешкотија не треба да се потиснува или занемарува, туку напротив, потребна е стимулација и соработка со стручно лице.
Автор: Теодора Томовска Ристовска, специјален едукатор и рехабилитатор, реедукатор по психомоторика, гешталт-психотерапевт во едукација