Воспитување

Ние не сакаме да нè критикуваат, ама не сакаат ни децата

Во книгата „Самостојните деца се посреќни“, Монтесори-педагогот Хајди Мејер Хаузер објаснува колку е важно охрабрувањето на децата за да станат самостојни и полни со самодоверба:

„Ѓина престани, уште си малечка за тоа“, вели мајката додека нејзината тригодишна ќерка се обидува да ја намести масата. Мајката ѝ ја зема чашата од рака. Девојчето налутено ја напушта кујната. Во текот на претпладнето Ѓина и понатаму е нерасположена, ја малтретира мајка си и се жали дека не знае што смее да прави.

Дали некогаш сте забележале колку внимателно може дете да носи чинија или чаша? Како е детето гордо кога некој предмет успешно ќе го однесе на одредено место? И ако се случи некогаш да искрши нешто, колку е за него тоа ново искуство? Да не му ја одземаме на детето храброста! Следниот пат ќе биде повнимателно. Што е една искршена чаша во однос на детската храброст нешто да направи!

Осумгодишниот Петер ѝ помага на мајка си да пече палачинки. Мајка му му покажува како да ја истенчи палачинката во тавата, како да ја сврти и потоа да ѝ стави фил. Петер има подобра идеја. Тој во летниот камп видел дека палачинките може да се свртат и во воздух и повторно да паднат во тавата. „Погледни, мамо“, вели Петер и високо ја фрла палачинката. Палачинката падна на подот. Петер вознемирено зјапа во нередот што го направил. „И мене тоа ми се случувало“, вели мајката. Петер ги остава палачинките и со крпа ја чисти масната дамка. Во меѓувреме, мајката ја премачкува тавата со путер. „Петер“, вели таа, „ќе ти покажам како се прави тоа. Овде е важна вежбата“. Мајката рамномерно го разлева тестото во тавата. Палачинката е печена, ја фрла во воздух и таа совршено паѓа во тавата. Тоа е неверојатно! Петер прво се обидува да го изведе овој уметнички потег над кујнската маса. Му успеало од трет пат. Каква радост! Каква гордост! Семејството уживало во успехот на Петер.

Од сопствено искуство знам дека поради секојдневните стресови, никогаш не е лесно смирено да се реагира на детските експерименти. Но, сепак, се исплати кога децата се немирни и ќе направат беља, да им одговориме со смеа и опуштеност. Какви последици таа мала детска незгода ќе има за 10 или 20 години или за еден месец? Никакви! Но, многу е важно дали детето со помош од нашата разумна поддршка ќе стекне самодоверба или нема! Кога ги прифаќаме детските грешки, иако тоа понекогаш не е баш лесно, тие ќе научат да бидат самостојни и самите да се соочуваат со проблемите. Реакциите како што се: „Глупаво дете, зошто си толку несмасен/несмасна?“, го обесхрабруваат детето, ги уништуваат неговите чувства на самодоверба и создаваат лоша атмосфера во семејството.

Ние, возрасните, премногу се трудиме да ги воспитуваме децата во заштитена средина. Сакаме постојано да ги надгледуваме за да ги заштитиме од болни искуства. Сакаме децата да растат онака како што ние сме замислиле. Не сфаќаме дека на тој начин им го спречуваме правилниот развој. Би требало да им бидеме поддршка на своите деца. Поддршката е корисна и значи дека детето не го оптоваруваме со нешто, туку дека му даваме слобода да биде самостојно кога тоа сака. Детската самостојност произлегува од довербата што децата ја имаат во себе и во своите родители. Ако на детето му обезбедиме живот во здраво опкружување и атмосфера полна со љубов, тоа ќе биде самостојно и ќе изгради свој став, што е сосема природно.

Како тоа изгледа кај нас, возрасните? Дали ни е драго кога не критикуваат поради некој неуспех? Или сме пресреќни кога самите ќе ја исправиме грешката? Станува збор за тоа дека им се лутиме на оние што нè потценуваат поради една грешка. Децата се исто така ранливи. Кога за нешто ги поправаме и критикуваме, тие се обесхрабруваат и се разочаруваат.

Да ги следиме внимателно активностите на нашето дете и да го поддржуваме. Да избегнуваме беспотребно контролирање и критикување. Да се прашаме дали е потребно да трчаме и да му дадеме помош. Да се повлечеме и внимателно да го набљудуваме детето. Да размислуваме за тоа дека, кога и да е можно, треба на детето да му дадеме шанса самото да ги открие своите грешки и да ги исправи. Така детето нема да чувствува како да му држиме предавања и ќе се радува и понатаму со своите експерименти.

Извор

Поврзани написи

To top