Расправиите и караниците за домашните задачи не само што не го решаваат проблемот туку го прават уште поголем. Применете ги овие тактики за да им помогнете на вашите деца на долг рок.

Го знаете тој момент кога вашето дете ви кажува: „Не сакам да си ја работам домашната задача. Ова е премногу тешко, не знам, не можам“.

Моменти кога чувствуваме фрустрација, беспомошност, страв, гнев…Моменти кога најчесто влегуваме во расправии, убедувања и дискусии со децата.

Еве што можете да направите:

Најпрво поврзете се со детето и ситуацијата што се случува пред вас. Користете емпатија, но навистина. Не само со зборови, туку и со вашиот тон и израз на лицето кои мора да бидат во хармонија.

-Ох, навистина не сакаш да ја завршиш домашната задача денес.

Користете претерување, но не и задевање, кога детето вели:

-Ова е толку тешко, не можам да го направам ова, има толку многу домашни задачи.

-Ох, колку би било прекрасно ако наставникот понекогаш рече дека за домашна работа треба само да играте. Дали некогаш го посакуваш тоа?

Што правиме овде? Наместо да го притискаме детето со реченицата „Мораш да правиш ова или она“, ние се поврзуваме со него, со неговата фрустрација, со неговиот проблем. Детските фрустрации, желби, стравови ги вадиме на површина. Ги извлекуваме од темнината на светлина.

Кога детето ќе го почувствува вашето разбирање и прифаќање, насочете го во насоката во која сакате. Покажете верба во него.

-Хм, таа домашна задача навистина изгледа тешка. А ти си дете кое може да прави тешки работи.

-Да, училиштето понекогаш е досадно, само седите мирно и мора да правите сѐ што ќе ви кажат. Хм. Мора да има некои работи во училиштето што ти се допаѓаат – се некои од речениците што можете да му ги кажете.

А потоа направете мали чекори. Сигурно сакате да го научите вашето дете на трпение, па еве ви можност да го покажете вашето трпение.

-Имаш 5 задачи. Тоа е многу. Можеш ли да завршиш една?

Помогнете му на вашето дете да ја раздели големата домашна задача на мали делови што нема да го преоптоварат и да го направат да се чувствува неспособно. Така ќе чувствува задоволство затоа што завршило задача. Така го развива чувството „Јас можам да го направам тоа“ наместо „Не можам да го направам тоа“.

На тој начин не влегувате во кавги и навистина работите на решение.

Автор: Винка Радојковиќ

Извор



912

X