Околу 18 часот попладне нашите деца одеднаш влегуваат во шеста брзина, го вклучуваат турбото кое ги пара нашите уши и ги уништува нашите нерви. Дали и вие сте се нашле во таква ситуација?
Нема друг излез освен да се обидеме да се извлечеме. Собравме неколку совети од стручњаци, искуства од пријатели и други фрустрирани родители кои можат да ви помогнат.
Подгответе се
Ги познавате своите деца и знаете во кое време од денот вообичаено се вклучуваат на турбобрзина. Во нашата куќа тоа почнуваа штом ќе излеземе од градинката. Мудро е пред тој момент да одвоите неколку минути за сопствено смирување и подготовка. Што можете брзо да направите?
Кратко самоцентрирање
* Седете сами во тишина во автомобилот неколку минути пред да му се приклучите на семејството во градинката.
* Обидете се длабоко да дишите или да медитирате.
* Брзо одење.
* Смислете план за турбовечерта и задолжително вклучете нешто што ве радува.
Менувајте се со партнерот
Споделете го стресот. Тоа може да значи поделба на должноста или можност за напуштање на ситуацијата. На сите ни доаѓа момент кога ни е потребен тајмаут. Употребете некоја едноставна реченица, таен знак од типот: „Морам да одам на неколку минути.“ Ако гледате дека вашиот партнер пука по сите шевови, кажете му: „Еј, земи кратка пауза“. Ќе ви биде мило кога и тој ќе ви ја возврати услугата.
Разделете се
Ако имате две деца, не е лошо да се разделите така што секој родител ќе земе по едно дете и ќе се повлече на друга страна, без оглед дали сте надвор или дома, па треба да се разделите во различни простории. На тој начин ќе можете целосно да му се посветите на секое дете, па и нивото на стрес сигурно ќе се намали.
Кажете им ги вашите очекувања
Главна причина поради која децата имаат напади на гнев е што ги спречуваме во нивните очекувања, а тоа се да си играат со родителите додека не паднат од нога. Затоа треба точно и навреме да им се каже кои се нашите очекувања. Договорот нека гласи: „Сега уште кратко време ќе си играме, потоа ќе се бањаме, по миењето запчиња ќе облечеме пижами и ќе прочитаме една приказна за добра ноќ“. Ако не го направите тоа, голема е веројатноста дека ќе прочитате десет приказни, ќе испиете пет чаши вода и ќе наредите цел град од коцки пред конечно да потонат во сон.
Приспособете го распоредот
Размислете да ја сервирате вечерата порано. Ако децата пребираат храна, обидете се прво со она што сте наумиле да им го сервирате, но ако овој пат не ви поминува спанаќот со јајцата, понудете им го тоа што го сакаат, бидејќи сигурно и вие сакате барем нешто да изедат. Мора да се трудите да ја добиете оваа битка.
Децата ја сакаат слободната игра. И затоа послушајте го вашиот инстинкт и не чувствувајте се виновни ако една вечер одбиете да глумите рингишпил за своите малечки.
Не заборавајте на благодатите од бањањето, дури и ако го направите во 17 часот. Водата може да биде вистински спасител кога ќе забележите дека работите излегуваат од контрола. Особено ако е лето и имате двор, базенче, прскалки за трева…
Вдишете чист воздух. Смирете ги вашите малечки со шетање по темница или пуштете ги во дворот или на ливада, дозволете и природата да впие малку од нивната енергија.
Заштитете се
Кажете им на децата: „Сакам да ви помогнам, но не можам ништо да направам кога вие така се однесувате, ми треба малку одмор. Кога ќе бидете подготвени, дојдете кај мене.“ Или „Знам дека навистина си заморен/а и тоа дополнително те прави лут/а, тоа и мене ми се случува понекогаш.“ Важно е на децата да им кажете дека нема да толерирате одредени однесувања за да знаат дека и нивните чувства исто така се нормални.
Обидете се со музика
Слушањето музика и песнички е дел од нашето секојдневие. Понекогаш мојата ќерка ја бара песничката „Кога си среќен…!“, а понекогаш наоѓаме нешто на интернет и танцуваме или се галиме.
Кога ви е тешко
Кога сите се на раб да заплачат, треба да прифатите дека не е време за тренирање строгост. Потсетете се на деновите кога сѐ одело како подмачкано и кога ве слушале, сами оделе во кревет и сами заспивале. Пофалете се за тие денови. Денес не е таков ден.