Воспитување

Како да ја поттикнете и да ја тренирате концентрацијата на децата?

Во продолжение прочитајте конкретни совети за тоа како да ја поттикнете и тренирате концентрацијата и фокусирањето на вниманието кај децата, Насочувањето и одржувањето на вниманието се особини кои може да се вежбаат. Иако комплексноста и обемот на задачите варираат со возраста, овде ќе наведеме типични задачи кои може да го подобрат вниманието и концентрацијата кај вашето дете:

На возраст од 2 години до претшколска и рана училишна возраст најчести задачи се:

1. Детето треба да ги поврзе броевите за да оформи слика. Добро е оваа задача да ја прави колку што може побрзо.

2. Детето треба да заокружи како се гледа одреден цртеж кога го гледа птица или жаба. На овој начин детето вежба да ги согледува фигурите од повеќе агли и да може да замисли предмет од различни перспективи.

3. Детето треба да дополни низа во која недостига одреден број или фигура. Овие задачи се слични на задачите што ги наоѓаме на интернет кога правиме тестови за интелигенција, само што се приспособени на возраста. Целта е детето да ја уочи логиката во низата.

4. Детето треба да дополни слика на која некој дел недостига. Со оваа вежба детето развива способност да уочува детали.

5. Детето треба да пронајде излез од лавиринт. Добро е детето да се труди тоа да го направи за што пократко време. Оваа вежба му помага во развивањето на фината моторика, како и визуелно-моторната координација.

6. Детето треба да се одлучи која слика во низата на десната страна одговара со предметот на левата страна. На пример, на левата страна има маса, а на десната во низата има стол.

7. Детето треба да го уочи делот што недостига на сликата и да го залепи (понудени се налепници). Детето вежба уочување детали и фина моторика.

8. Врз основа на краток текст, односно приказна, детето треба да погоди како се чувствувал јунакот од приказната и да заокружи среќно, тажно, загрижено или некое друго лице. Детето се учи да запазува и да препознава емоции кај другите.

9. Детето треба да ја поврзе фигурата на левата страна со нејзината сенка на десната страна. Детето се учи да запазува контури и да препознава облици. На пример, задачата е да го поврзе Петар Пан со неговата сенка.

10. Во понудената низа детето треба да пронајде играчка која е со ист облик како крушка. Овој пат акцентот не е на деталите, туку детето се учи да ги запазува предметите во целина и да ги препознава нивните облици.

11. Во низата од десна страна детето треба да пронајде слика која е идентична со моделот од лева страна. Детето се учи да го менува фокусот и да го насочува вниманието на детали.

12. Потребно е детето да ги уочи разликите помеѓу две навидум идентични слики. Детето се учи да го менува фокусот и да го насочува вниманието на детали.

13. Потребно е детето да исече (со асистенција на возрасно лице), а потоа и да залепи некој дел од слика за дадената слика да ја види од друга перспектива. На овој начин детето вежба да согледува предмети од повеќе агли, а со тоа ја вежба и фината моторика.

Некои од овие вежби, особено кога зборуваме за развој на фината моторика, може да се најдат во работните комплети за деца од претшколска возраст.

Освен тоа, важно е детето да научи да слуша и да ја следи приказната. Затоа се препорачува родителите уште од рана возраст на детето да му раскажуваат приказни, постепено да ги усложнуваат и продолжуваат, како и да им поставуваат прашања поврзани со содржината. На овој начин детето вежба да го насочува вниманието на содржината и да остане концентрирано додека приказната уште трае.

Кога говориме за поголеми деца, читањето е основната вежба со која се развива вниманието и се тренира концентрацијата. Детето треба да се фокусира на содржината на текстот, да проба да запомни што повеќе детали и подолго да остане концентрирано, односно времето на читање постепено да се продолжува.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top