Воспитување

Како да им соопштите на децата дека се разведувате

На секој му е потребно да знае дека припаѓа некаде, дека има свое место под сонцето. За децата, тоа е местото на кое живеат нивните родители – дом или два дома. На децата чии родители се разведуваат потребна им е сигурност која им ја дава сознанието дека ќе останат дел од семејство чии членови се сакаат – а токму тоа сознание може да биде сериозно разнишано со развод. Емоционалниот ураган кој децата го доживуваат во текот на развод и по него може да биде уништувачки – но и не мора да биде така. Од вас зависи како децата ќе го поднесат разводот. Ако искрено им соопштите што се случува, ќе ги уверите во тоа дека се безбедни. Ако тоа е потребно, постојано повторувајте им дека ви се важни, дека ги сакате и дека секогаш ќе ги сакате. На тој начин ќе ја пребродат бурата настаната поради разводот и ќе почувствуваат дека во вас имаат сигурна потпора.

Децата засекогаш ќе помнат на кое место сте им соопштиле дека се разведувате, на кој начин сте им го рекле тоа и сте го направиле тоа. Тој разговор ќе биде еден од најважниот во нивниот живот. Треба да знаат што ќе се случува со нив, важно е да им се објасни дека тие не го предизвикале разводот и дека родителите и натаму ќе ги сакаат. Не е лесно да им се пристапи и да им се соопшти таква вест. Па треба добро да се размисли и добро да се испланира начинот. Многумина го одложуваат разговорот, но најдобро е да се каже вистината навреме. Многу деца на разведени родители жалат што никој навреме не им објаснил што се случува. Ако децата без какво било предупредување дознаат дека семејството им се менува, ќе станат несигурни, вознемирени, ќе изгубат доверба во родителите, но и во целиот свет. Што ќе му кажете на детето за разводот и на кој начин ќе го сторите тоа, зависи од неговата возраст. Следните напомени се однесуваат на оние што не одлучиле дека се разведуваат, туку некое време живеат разделено.

Двајцата бидете присутни

Дури и ако прекинот бил непријатен и тежок, заборавете на тоа на момент и заедно разговарајте со децата. Бидете смирени и уверливи. На децата им е неопходно да знаат дека може да се потпрат на родителите и да им веруваат дури и во моменти на криза. Најдобро е разговорот да го водите дома. Исклучете уреди и додека разговарате со децата гледајте, ги в очи, повремено допрете ги за рака – во такви моменти важен е физичкиот контакт.

Разговарајте со своите деца во исто време

Ако имате повеќе деца, соберете ги заедно. Подоцна ќе зборувате со секое дете посебно. Но, кога првпат соопштувате вест, важно е да се присутни сите деца за некое да не се чувствува запоставено ако дознае последно и слично.

Колку што е можно поискрено соопштете го она што е неопходно

Објаснете дека по разводот ќе живеете одвоено. Кажете им дека сте се труделе да не дојде до развод, кажете дека сте дале сѐ од себе, но не ви тргнало од рака и затоа ви е жал. Нагласете дека не ви било лесно да донесете таква одлука. Основна задача ви е да им објасните на децата што се случува и како тоа ќе влијае врз нивниот живот, а потоа уверете ги децата дека и понатаму ќе се грижите за нив и ќе водите сметка за нивните потреби. Децата не треба да знаат околу што не сте се согласувале. На пример, ако само едниот од вас барал развод, тоа не мора да им го кажете на децата. Одлуката на еден од партнерите е доволна за бракот да се раскине, дури и ако другиот не го сака тоа. Она што децата треба да го слушнат е дека не сте се согласувале и дека ви е многу жал поради тоа што бракот на успеал.

Уверете ги децата дека тие не се виновни за разводот

Тие веројатно ќе помислат дека нешто згрешиле, но вие потенцирајте дека тие не го предизвикале разводот и ако е потребно, повторувајте им го тоа секојдневно во текот на подолг период.

Децата треба да знаат дека ги сакате

Стравот во таа насока ќе се јави кај нив, па ќе мислат дека и нив не ги сакате повеќе. Објаснете им дека родителите секогаш ги сакаат децата, без разлика што повеќе не се сакаат меѓу себе.

Поразговарајте за животните планови

Соопштете им дека вие како родители ќе се договорите за сите детали во врска со тоа каде ќе живеат децата и кога ќе бидат со едниот родител, а кога со другиот. Ако веќе сте договорени, кажете им го распоредот. Не прашувајте ги со кого би сакале да живеат, тие треба да знаат дека некои одлуки само возрасните ги носат. Треба што подетално да им ги објасните работите и да имате на ум дека ќе поставуваат конкретни прашања: Кој каде ќе спие, каде ќе стојат играчките, што ќе биде со домашниот миленик, дали ќе се гледаат со пријателите, итн.

Дознајте што е тоа што ги интересира децата

Нека поставуваат прашања, многу од децата не знаат што е развод. Може да имаат погрешна претстава за многу работи и дополнителни грижи. Охрабрете ги децата да поставуваат прашања и да ви кажат што ги мачи. Треба да знаат дека секогаш ќе можат да разговараат со вас за сѐ што ги оптоварува.

Заборавете на играта „Кој е виновен“?

И вам и на поранешниот партнер ќе ви биде тешко кога ќе разговарате со децата за разводот. Колку и да сакате да бидете искрени, не треба да им зборувате за проблемите на возрасните и да ги оптоварувате со конфликтите што сте ги имале меѓусебно. Од пресудна важност е пред децата да не се обвинувате еден со друг. Не давајте саркастични забелешки и коментари. Ако децата видат дека има нетрпеливост помеѓу вас, тоа ќе има долготрајни последици врз нив. Кажете им дека не сакате да ги оптоварувате со проблемите на возрасните и потрудете се да бидете што посмирени.

Слушајте и набљудувајте

Децата ќе чувствуваат мешавина од емоции, но некои нема да ги покажат чувствата и ќе се затворат во себе. Внимателно слушајте го она што го кажуваат и набљудувајте ги, обрнете внимание со кој тон ви соопштуваат нешто, изразот на лицето, движењата. Раководете се по тие знаци. И вие со зборови, израз на лицето и движењата укажете им дека секогаш ќе бидете тука за нив и дека може да разговараат со вас кога и да посакаат.

Разговорот кој никогаш не се завршува

По првиот разговор за разводот, ќе следуваат и други разговори. Ако детето премногу бурно реагира, сепак, разговарајте со него. Секое дете има различни потреби, а вие најдобро ги познавате своите деца.

Ако морате самите да им соопштите на децата дека се разведувате, имајте го на ум следното:

– Не обвинувајте го другиот родител.
– Објаснете му на детето дека ќе може и двајцата да ве гледа (ако е навистина така).
– Кажете му дека знаете оти го сака и другиот родител и дека тоа е во ред.
-Нагласете дека одлуката сте ја донеле заедно.

Ако не сте биле на висина на задачата кога сте разговарале со децата

Можеби веќе сте разведени, а ви изгледа дека не сте им објасниле доволно на децата. Потребно е што побрзо да разговарате со нив и да им дадете поголема поддршка. Ако е можно, нека биде присутен и поранешниот партнер. „Сигурно ви било прилично тешко кога јас и мама се разведовме. Кога ќе се сетам на тоа, ми изгледа дека не сме ви објасниле доволно добро зошто се разведовме. Имаше непотребни зборови кои можеби ве збунија или вознемирија. Жалам за сѐ што се случи и би сакал да поразговараме со вас за тоа“ – ова е одличен начин за да започнете дискусија на таа тема.

Разводот е болен, но може да донесе животно искуство кое ќе ве збогати. Не заборавајте на тоа дури и кога мислите дека сите бродови ви потонале. Она што треба да им го објасните на децата е дека промените се неминовни и дека се составен дел од животот. Потсетете ги децата на тоа дека животот е пред нив и дека со текот на времето и вам ќе ви биде подобро.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top