Разводот е една од најдлабоките промени што едно семејство може да ги доживее. Тој не е само крај на една врска, туку е и пресвртен момент кој ја менува целата динамика во домот, ја преобликува секојдневната рутина и остава траен печат во срцата на сите членови на семејството. За возрасните, разводот е процес на губење, но и на ослободување, додека за децата, тоа често е искуство на длабока несигурност, страв и чувство дека светот каков што го познавале се распаднал.
Најважното што секој родител треба да го знае е дека и покрај разводот, семејството не престанува да постои. Да, структурата се менува, но љубовта и врската со детето мора да останат недопрени. Семејството станува „поинакво целина“ – повеќе не е заеднички дом со двајца родители. Разликата е во тоа што сега љубовта и одговорностите мора да се носат низ два паралелни одвоени животи, две куќи, две секојдневија итн.
Една од најголемите грешки што повеќето родители ја прават е вовлекувањето на децата во нивните конфликти. Разводот е последица на проблемите меѓу двајца возрасни, а не на односот родител-дете. Важно е ова да се каже јасно и гласно, и уште поважно е да се живее така. Децата не смеат да се чувствуваат виновни или одговорни за тоа што се случува.
Многу родители, во болката од разделбата, несвесно го користат детето како сојузник или посредник. Но секојпат кога тоа се случува, детето се става во тешка позиција на „внатрешен конфликт“ – ситуација кога мора да избере страна или да ги крие своите чувства за да не повреди никого. Детето исто ги сака и мама и тато. Тоа е огромно психичко оптоварување за детето кое може да остави длабоки траги и во адолесценцијата и во зрелата возраст.

Често провејува прашањето како децата го доживуваат разводот?
Перцепцијата на разводот кај детето зависи од неговата возраст и неговата развојна фаза. Мало дете (под 5 години) не ја разбира целосно концепцијата на развод, но ја чувствува промената во секојдневниот ритам, во емоционалната состојба на родителите, во отсуството на еден од нив од домот. Нивниот свет е многу поврзан со чувството на сигурност и предвидливост, па секоја голема промена може да се доживее како голема загуба.
Кај постарите деца, особено во училишна возраст, се јавуваат конкретни прашања: „Кога ќе го видам тато/мама?“, „Дали тоа значи дека повеќе не сме семејство?“ Во тинејџерските години разводот често може да предизвика бунт, дистанца или дури и одбивање на еден од родителите.
Секој од овие периоди бара различен пристап, но постои заеднички принцип, а тоа е – детето мора да чуе и да почувствува дека љубовта кон него останува непроменета, без оглед на тоа што се менува во животот на возрасните.
Што можат да направат родителите?
– Зборувајте отворено, но соодветно на возраста. Не е потребно детето да ги знае сите детали за вашиот заеднички живот и причините за разводот, но потребно е да знае дека и двајцата родители ќе продолжат да го сакаат, да се грижат за него и да бидат присутни во неговиот живот.
– Избегнувајте меѓусебни, но и директни обвинувања пред детето – секоја негативна реченица за другиот родител директно го става детето во емоционален конфликт.
– Одржувајте рутина – предвидливоста им дава на децата чувство на сигурност. Ако знаат кога и како ќе го видат другиот родител, ќе им биде полесно да се адаптираат.
– Почитувајте го времето на другиот родител – колку и да е тешко, важно е да не се нарушува контактот меѓу детето и другиот родител, освен ако тоа не е небезбедно за него.
За крај, внимавајте на сопствената емоционална состојба – децата „читаат“ многу повеќе од она што го зборуваме. Ако родителот е во трајна состојба на гнев, тага или безнадежност, тоа ќе влијае врз детето повеќе отколку самиот развод.
Иако разводот е болен, тој може да биде и почеток на нов, поздрав начин на живот – како за возрасните така и за децата. Кога родителите покажуваат дека можат да соработуваат и по разделбата, да разговараат со почит и да донесуваат заеднички одлуки во интерес на детето, тие всушност му даваат еден убав пример: дека љубовта може да се трансформира, но грижата и одговорноста остануваат исти.
Децата што ќе го видат тоа, ќе научат дека односите не мора да завршуваат со омраза, дека конфликтите можат да се решаваат без уништување и мразење на другата личност и дека разделбата понекогаш е здрав избор.
Разводот како таков е крај на една форма на семејство, но не и крај на семејството. Тоа е премин од болен, сложен, понекогаш полн со солзи однос во можност да се изгради една нова рамнотежа и нов начин на живеење, за сите во семејството. Најважно е децата да го чујат, почувствуваат и видат тоа во секојдневието: дека тие се сакани, дека се безбедни и дека не се виновни за она што се случува меѓу нивните родители.
Детето нема да ја памети секоја расправија или секоја тешка вечер, но ќе ги памети топлината, поддршката и чувството на сигурност и дека, без оглед на сè, има двајца родители што го сакаат безусловно.

Еве неколку психотерапевтски вежби и алатки за родителите за време на развод. Иако периодот е тежок, еве како да му помогнете на детето да ја помине промената полесно.
1. Вежба „Безбедно место“
Цел: Да му се даде на детето чувство на сигурност и стабилност во периодот на промена.
Одвојте 15-30 минути дневно за „време со тато/мама“.
Во тоа време нема телефон, нема телевизија, нема разговори за разводот – само активности кои детето ги сака (цртање, читање, игра). И разговор и покажување интерес за она што го прави, што мисли, што сака. итн.
2. „Две куќи, едно семејство“
Цел: Детето да ја разбере новата структура без да ја изгуби сликата за целина.
Заедно со детето нацртајте две куќи – една за мама, една за тато.
Во секоја куќа нацртајте или залепете фотографии што ќе го потсетуваат на убави моменти со тој родител. (шетање, купување, играње).
Во средината на листот нацртајте срце или нешто што симболизира „семејство“ – ова покажува дека иако куќите се одвоени, љубовта е заедничка.
3. Вежба за емоции „Термометар на чувства“
Цел: Детето да научи да ги препознае и изрази своите чувства без страв.
Направете цртеж на термометар со бои:
Сина = мирен/а
Зелена = среќен/на
Жолта = вознемирен/а
Црвена = лут/а
Секој ден прашајте го детето „Каде си денес на термометарот?“
Ако е на жолта или црвена, разговарајте што би можело да помогне да се смени бојата.
4. „Мапа на поддршка“
Цел: Да му помогне на детето да сфати дека не е само.
Со детето направете мапа (лист хартија) на која ќе ги запишете сите луѓе на кои може да им се обрати за помош или поддршка: родители, баба/дедо, учителка, другарче, тетка, сосед…
5. „Семејни правила на почит“
Цел: Да се намалат конфликтите пред детето.
Договорете се со другиот родител за три правила кои ќе ги почитувате пред детето (на пример, нема навредување, нема викaње, нема расправија пред него). Запомнете пред да се случи сето ова, во еден период од животот сте биле најдобри пријатели.
Децата многу учат од мама и тато, единствените луѓе кои им се најблиски – ако гледаат почит и во тешките моменти, тие ќе ја носат таа лекција понатаму во живот.
Автор: Билјана (Манасова) Јовановиќ