Игротека

Како да им помогнете на децата да развијат вештина за носење добри одлуки?

Родителството денес носи низа нови предизвици, од постојаната изложеност на технологијата до зголемениот притисок од врсниците. Децата секојдневно се соочуваат со многу одлуки, а родителите често се прашуваат дали ќе знаат да изберат правилно. Иако не постои волшебна формула, постојат начини како да ги научиме децата да носат паметни одлуки.

Започнете рано со разговори за одлуките

Колку порано децата научат што значи да се донесе добра одлука и зошто тоа е важно, толку подобро. Психологот Кевин Зоромски советува секојдневно да им нудиме избор на децата бидејќи така ќе развијат чувство на одговорност и ќе станат активни учесници во семејниот живот.

Бидете им пример

Децата најмногу учат преку набљудување. Ако гледаат дека сте искрени, одговорни и доследни, поголема е веројатноста и тие да развијат слични модели на однесување.

– Вие сте првиот и најважен пример за вашето дете – истакнува експертот за ментално здравје Кетсупа Јиракарн.

Вежбајте носење одлуки

Дозволете му на детето да избере што ќе облече или на кој спорт ќе оди. Малите одлуки помагаат во градењето самодоверба и го подготвуваат за поголемите животни избори.

Оставете ги да учат од грешките

Кога детето ќе направи грешка, објаснете му ги последиците и заедно разговарајте за подобра опција за следниот пат. Според истражување на Универзитетот „Харвард“, ако ги гледаме грешките како можности за учење, а не како неуспеси, децата развиваат чувство на контрола и самодоверба.

Развивајте критичко размислување

Поттикнете го детето да размислува за проблемот, да ги оценува опциите и да донесе заклучок. Преку таква практика се развиваат вештини кои ќе му помогнат во зрелоста.

Негувајте ја емоционалната интелигенција

Научете го детето да ги препознае и разбере своите емоции. Кога ќе знае што чувствува и зошто, полесно ќе носи одлуки во согласност со своите вредности. Експертот за воспитување Мишел Борба вели дека емоционалната писменост започнува уште во најрана возраст и се развива низ животот, играјќи клучна улога во носењето правилни одлуки.

Имајте трпение

Носењето мудри одлуки не се случува преку ноќ. Бидете покрај детето кога греши и кога му треба совет, дури и кога е доволно големо да мисли дека сè знае и може само.

Извор

Поврзани написи

To top