Воспитување

Како да го одвикнете од цуцла?

Бебињата и малите деца ги обожаваат цуцлите. Тие ги смируваат, ги успиваат и ги задоволуваат нивните потреби во таканаречената орална фаза. Меѓутоа, како треба да постапите кога ќе дојде време детето да се одвои од цуцлата-лажалка, а да не дојде до траума?

Најизразениот нагон во првите недели и месеци во животот на бебето е потребата за цицање. Како што растат децата, така и овој нагон постепено се губи.
До втората и третата година од животот доминантна е оралната фаза од развојот – сите задоволства се поврзани со усната шуплина: уживањето во храната, шишето, цуцлата, цицањето прст. Кај некои деца оралната фаза е поизразена и подолго трае, додека кај други поминува речиси незабележително.

Свртување на вниманието

Всушност, родителите прават многу поголема паника околу продолжената употреба на цуцлата отколку што овој феномен претставува вистински проблем. Не постои седумгодишно дете што заспива со цуцла, како што ретко кој петгодишник пие млеко од шише. Доколку оваа детска потреба и навика се прекине на груб начин (со нагло отфрлање на шишето или цуцлата, со мачкање на цуцлата со лута пиперка…), тоа може негативно да се одрази врз некој друг сегмент од развојот.
Не е добро ни кога родителите постојано го караат детето и на таков начин се обидуваат да го одвикнат од шишето или од цуцлата. Така уште повеќе ја зацврстуваат оваа навика бидејќи детето станува свесно дека со цуцлата предизвикува внимание.

Пофалба

Нема дете што не се одвикнало од цуцла или шише! Родителите треба да бидат трпеливи и да почекаат да помине оваа фаза. Ќе видите колку ќе ве изненади наглата одлука на вашето дете да се откаже од своите довчерашни верни „следбеници“. Кога оралната фаза ќе се надмине природно со развојот, ќе заврши и потребата за цицање.
Родителите треба да ја користат секоја можност на детето да му понудат чаша за пиење, без негативни коментари кои се однесуваат на шишето или цуцлата. Оваа активност треба да биде придружена и со пофалба. Некогаш за децата е пресудно ако нивните играчки или омилени цртани ликови ја извршуваат истата активност што се бара од нив.

Постепено одвикнување

Како што знаете од сопствено искуство, секое одвикнување од нешто мора да се изведува постепено, без нагли потези. Затоа, бидете трпеливи бидејќи и фазата на цуцла еден ден ќе помине!
Не повикувајте се на другите деца што одамна се откажале од овие „бебешки“ реквизити бидејќи и вашето дете самоиницијативно ќе го направи тоа, само дајте му доволно време.

Преодни објекти за емоции

Често се слушаат разни толкувања кои зависноста на детето од цуцлата ја поврзуваат со недостиг на родителска љубов и желба за поголемо внимание и нежност. Се смета дека цуцлите-лажалки и шишињата за млеко се преодни објекти во кои децата ги вложуваат емоциите што се наменети за родителите.
Меѓутоа, многубројни примери покажуваат дека ваквото толкување не е оправдано, туку оваа детска „потреба“ почесто е знак за побавно созревање и подолготрајна орална фаза во развојот.

Лукреција Вранешевиќ, клинички психолог

Поврзани написи

To top