На новите родители зимата и студеното време можат да им бидат извор на грижи. Многу родители сакаат да обезбедат пријатност и топлина за своето бебе. Но, студеното време не би требало да ги спречи барем еднаш дневно да излезат на свеж воздух. Погрижете се во таа пригода на детето да му биде топло. Исто како и за време на високите температури во лето, за облекувањето на детето насока може да ви биде сопственото чувство. Меѓутоа, ако детето е помало од 6 месеци, тогаш ќе му биде потребна поголема заштита.
Дневна облека за прошетка
Во студениот период многу е поделотворно да се облечат неколку слоеви облека отколку тешка облека во еден слој. Дополнително на бебето ќе му биде потопло ако еден од слоевите е волнен. Практични се и топлите зимски јакни полнети со пердуви или имитација на пердуви. На бебето треба да му се стави капа за да ја задржи телесната топлина. Кога температурата надвор е под нулата, капата треба да ги покрива и ушите. Рацете треба да бидат заштитени со ракавици, стапалата со чорапчиња и чизмички, а вратот со шал. Ако дува ветер или е многу студено, шалот може да го завиткате околу лицето на бебето, но притоа внимавајте да не му го покриете носот и така да му го отежните дишењето. Ако паѓа снег или дожд, ставете заштитен покрив на количката. Сепак, дури и добро затопленото дете не би требало долго да престојува на отворено кога времето е многу студено.
За мирен сон
Во текот на студените периоди температурата во детската соба најдобро е да се одржува помеѓу 20 и 22 степени, а во студените ноќи помеѓу 16 и 18 степени. Ако температурата е повисока од наведените вредности, тогаш сувиот е прегреан воздух може да ја оштети слузницата на носот и да ја направи чувствителна на микроорганизми кои предизвикуваат настинка. Исто така, може да се исуши кожата на бебето и да се предизвика чешање. Пред да го ставите бебето на спиење, детското креветче може да се загрее со термофор или грејач. Би можеле да ставите и фланелски прекривки кои дури и во студените зимски ноќи се пријатни на допир. Детето покријте го слоевито за да му биде пријатно и топло. Ако редовно ги отфрла прекривките, ставете го во вреќа за спиење – особено практично за деца помали од една година. Вишокот топлина од телото бебињата ја исфрлаат преку главата, па за тоа дали треба детето да носи капче во текот на ноќта, посоветувајте се со педијатар. Имајте на ум дека детската соба е постудена ноќе отколку преку ден, па метаболизмот се забавува при спиењето – бидете подготвени да употребите и дополнителни прекривки. Но, секако, пробајте да ја избегнете честата грешка на претерано облекување на детето за спиење. Ако детето се поти во текот на ноќта, отстранете еден или два слоја од прекривките.

Како да знаете дали е правилно облечено?
Со допир на бебешките раце, бедра или грбот, лесно ќе заклучите дали на бебето му е пријатно. Ако тие делови од телото се студени или детето е немирно, веројатно му е студено, па облечете го или покријте го со прекривка. Ако кожата му е топла и испотена, или косата е влажна, или бебето забрзано дише и е немирно – веројатно е претопло облечено, па отстранете некој слој облека. Ако рацете и нозете се студени на допир, а телото е пријатно, топло и суво, но бебето и понатаму плаче, можеби треба да се нахрани или е жедно и изморено. Иако многу пати ќе го чуете коментарот: „Бебето треба да се стопли, рачињата му се сосема студени!“ – немојте веднаш да скокнувате по ќебенце или јакна. Имено, топлината на бебето не е можно да се утврди само по рачињата или ножињата бидејќи тие се почесто постудени од остатокот од телото, со оглед на тоа дека бебето нема целосно развиен циркулаторен систем. Исто така, ако бебето неколку пати кивнало, тоа не мора да значи дека му е студено. Можеби му пречи сонцето или имало потреба да го прочисти носот. Истото вреди и за икање, кое е многу честа појава кај бебињата и во повеќето случаи нема врска со чувството на студ.
Автор: Карина Шиждрак