Играњето и расфрлањето на облеката е карактеристична игровна активност уште за најрана возраст, кога бебето се осамостојува и совладува некакви моторни вештини. Првите обиди за наметнување и протнување на дел од облеката на своето тело детето може да ги прави уште на деветмесечна возраст.
Многу често на родителските советувања за претучилишни деца добивам прашања за тоа кога децата треба да научат да се облекуваат сами. Јас велам: Тогаш кога вие како родители ќе одлучите да го направат тоа. Што значи тоа? Доколку сакаме рано да ја стекне оваа важна животна психо-моторна вештина, потребно е да го забележите првиот таков обид кај вашето дете и да му оставите време и простор за таквата активност. Многу е веројатно дека колку повеќе пати ќе се обиде, толку побргу ќе научи и ќе биде успешно.
Христина Стефановска, психолог за деца и млади
Кај децата што побавно се развиваат во овој сегмент од развојот се потребни дополнителни родителски вештини на кои и сега ве советувам:
- Започнете секогаш со тоа како прво да се соблекува.
- Означете ги со сликичка шкафовите и фиоките за вашето дете да знае каде да ги најде своите алишта.
- Директно посочете како да избере облека што е соодветна за времето, сезоната или пригодата.
- Користете чорапи кои имаат обоени потпетици за вашето дете да може лесно да пронајде по кој пар ќе ги облече чорапите.
- Кога го охрабрувате детето само да се облече, секогаш понудете му лесна и приспособлива облека која ќе ја поттикнува самодовербата кај детето дека може и дека е способно само да се облече.
- Ознаката на облеката (етикетата) посочете ја како показател за тоа кој е предниот или задниот дел, а кој внатре или надвор.
- Облекување пред огледало е секогаш добра идеја бидејќи така децата можат да видат што се случува и да го контролираат движењето.
- Користете облека што ги вклучува нивните интереси за да бидат мотивирани да се облечат (на пример, пижами со диносауруси, планети итн).
- Вежбајте ставање и симнување на облеката од закачалка.
- Вежбајте тешки ситуации во облекувањето, како превртени чорапи, заглавени ракави, свртена кошула наназад итн. Моделирајте и насочувајте во овие вештини за тоа како да ги поправат и да знаат како самостојно да ги решат овие ситуации во иднина.
912