Голем број возрасни лица се парализираат кога треба да донесат некоја тешка одлука. Поради стравот, тие често носат лоши одлуки. За среќа, никој не се родил учен, ниту мудар за секогаш да донесува добри одлуки. Расудувањето произлегува од искуството и потребно е да паднеме многу пати за да научиме како да размислуваме.
Како родители, на децата треба да им овозможите искуство во процесот на донесување одлуки, односно да имаат можност активно да учествуваат во одлуките, па дури и во грешките, за да не ги повторат. На грешките гледајте поблаго, бидејќи истражувањата покажуваат дека децата што во детството се навикнале на лош третман и лоши чувства, често донесуваат лоши одлуки поради кои се чувствуваат лошо. Како да го научите детето правилно да размислува?
1. Вежби, вежби и вежби
Погрижете се детето да има доволно можности да го вежба донесувањето одлуки, и тоа од мало. Почнете со најобични практики, како изборот што да облече, дури и ако облеката што ќе ја избере не одговара.
2. Детето мора јасно да знае што може да контролира
Секогаш нагласувајте му на детето кои одлуки може само да ги донесе, а кога вие како родител треба да стапите на сцена.
Со помалите деца:
– Да, секако дека можеш да го носиш костимот на Спајдермен, иако го носеше секој ден оваа недела, но ќе мора да се пресоблечеш за вечерата затоа што тогаш сме сите дотерани и така покажуваме почит. И мораш да си ги измиеш забите. Дали тоа сакаш да го направиш сега или пред да излеземе?
Со поголемите деца:
– Можеш да им се јавиш на пријателите во петок да дојдат на вечера ако сакаш, но од тебе очекуваме во петок да вечераш со семејството. Ако сакаш да излезеш со пријателите, можеш да го направиш тоа во петок по вечерата или во сабота.
3. Разговарајте за изборот
Многу луѓе никогаш не развиваат добро расудување бидејќи теоријата за познавање добар избор не е проследена со пракса. Помогнете му на детето така што ќе разговарате за изборот. Отворениот разговор е многу важен во донесувањето на одлуките, разговарајте и за чувствата што ги следат овие одлуки.
4. Бидете модел за донесување одлуки
Секогаш споделувајте го мислењето со детето:
– Мислам дека треба да земеме чадор, ќе врне.
– Ќе го пробам лососот, а би сакала да го пробаш и ти, лососот е многу здрав.
– Би сакала нашето семејство да помогне во акцијата за собирање училиштен прибор, сите деца заслужуваат да го имаат и ако можеме малку да помогнеме, тоа би било одлично.
5. Дајте му на детето контрола што ќе одговара на неговите години
Вие најдобро го познавате вашето дете и што може, а што не може. Дозволете му да има контрола онолку колку што може да поднесе.
6. Лошите одлуки се дел од вежбите
Додека растат, децата учат за себе и за животот. Во согласност со својот карактер, тие донесуваат одлуки, а понекогаш и грешат. Вие сте безбедносна мрежа за вашето дете. Тука сте да го поддржите и утешите кога ќе згреши и да му помогнете да согледа каде згрешило.
Што треба да го прашате детето:
– Дали во некој момент помисли дека не е добра идеја?
– Што те спречи да го послушаш внатрешниот глас?
– Што мислиш, дали требаше да постапиш различно?
Избегнувајте ја фразата: „Ти реков“. Отворениот, смирен разговор, полн со разбирање ќе даде многу поголеми резултати.
912