Иако бебињата се премногу мали за да се насмеат на некои шеги или содржини на телевизија, ќе се насмеат на смешна гримаса или смешен звук. Експертите тврдат дека тоа смееење е рефлексно, но како што растат, смеењето станува физичка реакција на нешто пријатно, како скокоткање. Бебињата почнуваат да се смеат наглас на возраст од околу 4 месеци. Верувајте, засекогаш ќе го помните моментот кога вашето дете првпат ќе се насмее од срце. И ќе сакате сè почесто да го смеете. Инаку, смеењето е одлично за развојот на бебето бидејќи се работи за првите социјални и комуникациски вештини, но и за емотивниот развој, па еве најдобри начини како да го насмеете бебето:
Дување во стомак
Ништо не може да го насмее бебето како старото добро дување во стомакот. Додека го преслекувате, дувајте му директно на кожата, а можете притоа да испуштате и смешни звуци. Подоцна преминете на рацете и на нозете, може да биде еднакво ефективно.
Старото добро „Ѕе“
Потребни ви се само рацете и способност за испуштање смешни звуци, како и трпение тоа да го правите одново и одново. На бебето не му здосадува постојано да се криете зад дланките и да го покажувате лицето велејќи „Ѕе“. Можете да ги криете и омилените играчки под покривач, па не само да предизвикате смеа, туку и да ја активирате перцепцијата кај бебето.
Ескимски бакнежи
Бебето обожава да поминува време со своите родители еднакво како што родителите сакаат да ја слушаат неговата смеа. Допирите се секогаш добредојдени, па зошто да не се обидете со ескимски бакнежи, односно приближете го лицето до бебето, па погалете го со својот нос.
Скокоткање
Оваа стратегија е ефективна кај повеќето деца и тоа во секоја животна доба. Ако нежно го скокоткате по стомачето, пазувите, стапалата итн., гласното смеење е неизбежно. Некои бебиња се поскокотливи од другите.
Вклучете ги постарите деца
Бебињата ги гледаат како забавувачи своите постарите браќа и сестри. Природно е бебето да сака да им се смее на постарите браќа и сестри бидејќи тие знаат да се глупираат и да прават смешни гримаси.
Животни
Домашните миленичиња може да бидат еднакво смешни како и постарите браќа и сестри. Ставете го бебето на место каде што може да ве гледа како си играте со домашното милениче. Динамичните движења како тркалање, скокање или трчање ќе го насмеат вашето бебе.
Преправајте се дека го јадете бебето
Кога се преправате дека го гризете своето бебе, тоа ужива и почнува да се смее. Можете да му ги „грицкате“ ножињата или да му ги „џвакате“ рачињата како да е најсладок десерт.
Играјте се „коњче“
Ставете го бебето на колена како да е на коњче, па кревајте го горе-долу.
За бебињата што ползат
Ако бебето ползи, играјте криенка како мачка и глушец. На драматичен, но нежен и сигурен начин, почнете да го ловите детето. Штом ќе тргнете во лов, бебето веќе ќе се смее.
Смешни гримаси
Ако сакате да го насмеете бебето, почнете да се усовршувате во „глупави“ гримаси. Бидејќи детето веќе добро го познава вашето лице, кога ќе го искривите во гримаса, тоа ќе го изненади и насмее.
Пејте песнички
Бебињата сакаат да слушаат музика, особено ако е весела и со разигран ритам. Додека пеете, можете и да глумите, да испуштате смешни звуци, да правите гримаси. Сигурно ќе го насмеете детето.
Потскокнување на креветот
Ставете го бебето да лежи на креветот. Нежно протресете го креветот така што душекот да потскокнува горе-долу. Вашето дете ќе го обожава тоа што се мрда душекот и ќе почне да се смее.

Глупави звуци
На децата звуците им се многу забавни. Можете да испуштате шумови за да видите како ќе реагира вашето бебе. Експериментирајте создавајќи звуци со различни предмети, како шушкање со хартија или удирање со лажици.
Преправајте се дека сте се сопнале или сте паднале
Бебињата, особено малку постарите, од некоја причина сакаат да ве гледаат како правите смешни работи. Преправајте се дека случајно сте се забиле во ѕид или сте се сопнале на килим.
Смејте се со бебето
Нема причина сите да не се смеат. Бебињата го имитираат она што го гледаат. Кога вие од срце се смеете, ќе се насмее и вашето бебе. Меѓутоа, ако бебето прво се насмее, насмејте се и вие со него.
Разубавете си го денот со смеењето на бебето!
Автор: Сања Маташиќ