Веќе почнаа летните одмори и патувањата, пред сѐ, на море. По тој повод, многу родители прашуваат како да ги избегнат испадите на бес во текот на возењето, како да го спречат плачењето и детското негодување, па целото патување да биде пријатно за сите. За да се даде одговор на тоа прашање, прво мора да се види зошто тоа се случува. Сетете се на вашите заминувања на море кога сте биле деца. Тогаш автопатот не бил изграден и сите ги користеле старите патишта. Сигурна сум дека веднаш се сетивте на ручекот кој со нетрпение го чекавте во еден до рестораните што се наоѓаа покрај патот.
Додека го пишувам ова, речиси можам да го почувствувам мирисот на печено свинско или јагнешко. А потоа следува десертот, се разбира, сладолед. Па на тоа повеќе сме се радувале отколку на морето.
Денес е тоа заменето со некој сендвич или грицки додека се вози брзо по автопат. Да го праша некој детето што би избрало за ручек, сендвич или одење во ресторан, мислам дека сите знаеме кој би бил одговорот. Не смееме да заборавиме дека по добар оброк луѓето се позадоволни, опуштени и подготвени за соработка. Тоа важи и за децата и за возрасните. Што мислите, зошто бизнисите се склучуваат во рестораните, а не зад воланот?
Но, тоа не било единственото застанување. Се застануваше и само за да се протегнат нозете и да се ужива во свежината и природата. Можеби нашите родители за тоа не биле ниту свесни, но инстинктивно знаеле дека сето тоа на сите ќе ни годи. Престојот во природа нè опушта и нè смирува. Свежиот воздух поттикнува создавање на серотонин (хормон на среќа), ни ги прочистува белите дробови, ни дава дополнителна енергија и придонесува за подобра функција на мозокот (концентрација и подобри рефлекси). А сега тоа се споредува со неколку часа седење во автомобилот и рециклираниот воздух од клима-уредот.
А кога на сето тоа ќе се додадат малиот простор, досадата, незадоволството и недостигот на добра храна, добиваме мали дивјаци кои се обземени од емоциите и невозможно е да се контролираат. Затоа, кога одите на пат со децата, направите целото патување да биде возбудливо. Ако е можно, играјте игри. Тоа ќе ги усреќи многу повеќе од кои било игри на мобилниот телефон, бидејќи ќе си играат со родителите. Застанете некаде на ручек. Уживајте во прошетки во природа. Тоа ќе ги развесели и ќе ја разбие монотонијата на седење во автомобилот.
На тој начин ќе си дадете и време да се зближите како семејство, да уживате во заедничкото дружење и веселата авантура, која не е исполнета со гледање во часовник и нервоза.
Автор: Ива Брчиќ