Воспитување

Како да ги стимулирате видот и говорот кај бебињата

Овозможете му на вашето дете вистинска количина на стимулација – ни премалку ни премногу. Важно е да ја поттикнете неговата љубопитност, но истовремено имајте на ум дека не треба премногу да ја стимулирате. Подолу ви презентираме материјали од новата книга на Мари-Елен Плејс „60 активности за бебиња според методот Монтесори“, базирана на педагогијата на Марија Монтесори за најмладите, од раѓањето до возраст од петнаесет месеци. Материјалите се приспособени на различните фази од развојот на детето и ќе поттикнат различни вештини кои тоа ќе може да ги развие во одредено време. Подолу даваме совети за тоа како да ги стимулирате видот и говорот кај бебињата.

Стимулација на видот

Реквизит со октаедри – од шестата недела од животот

Бебето може да гледа бои уште од раѓање, но има проблем да разликува слични нијанси. Овој реквизит со живописни основни бои и обемни геометриски форми му нуди на бебето нови концепти за да ги истражува и апсорбира. Бебето ќе се фокусира следејќи го бавно ротирачкиот октаедар.

Материјал за изработка:

-Листови од мат или сјајна хартија: сина, жолта и црвена
-Должина на држач (стапче): 25 см и дијаметар 7 мм
-Лепило во туба и линијар
-Ножици или скалпел
-Калем од конец.

Нацртајте три октаедри со иста големина. Секој октаедар има 8 триаголни површини и 12 раба. Внимателно превиткајте го секој дел. Пред да го составите октаедарот, зацврстете го конецот со помош на леплива лента. Залепете ги октаедрите. Поставете ги на стапчиња на различна висина (погледнете ја фотографијата).

фотоизвор: Книга „60 активности за бебиња по методот Монтесори“

Стимулација на говорот

Покажувајте му книги на вашето дете уште на рана возраст. Неговиот интерес за книги ќе расте во текот на следните месеци и наскоро тоа само ќе сака да ги држи в раце. За почеток, одберете книги кои се цврсти и кои во големина одговараат на рацете на бебето: тактилни сликовници направени од ткаенина, меки водоотпорни книги, картонски сликовници и на крајот хартиени книги. Во одреден момент на бебето ќе му се допадне една книга повеќе од другите и постојано ќе бара од вас да му ја читате. Наскоро вашето дете ќе сака да открие и други книги и ќе ги избере само оние што ќе побара од вас да му ги читате. Подоцна тоа самото ќе земе книга и ќе ја истражува.

Во автомобил или за време на мирните моменти дома, додека готвите, додека се бањате, пред спиење или кога се гушкате, оставете го вашето бебе да слуша детски песнички. Тоа е можност да споделите песни од вашето детство со вашето дете и заедно да откривате нови. Зборовите на песните и ритамот на музиката ќе останат во меморијата на бебето.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top