Светот околу нас секогаш е исполнет со неизвесност, а особено 2020 година беше премногу неизвесна поради пандемијата. Ние луѓето имаме постојана мака – студиите покажуваат, на пример, дека луѓето генерално се чувствуваат повеќе под стрес кога се соочуваат со можноста од нешто лошо да се случи отколку кога лошата работа е сигурна дека ќе се случи. Неодамна, истражување открило јасна врска помеѓу неизвесноста и стравот од коронавирусот и проблеми како анксиозност и депресија. Но, справувањето со неизвесноста е вештина која може да се научи.
Експертите по ментално здравје велат дека има неколку едноставни стратегии со кои родителите може да им помогнат на своите деца да ја менаџираат сегашноста, како и да ги подготват за неизвесностите што допрва ќе им се појавуваат во животот. Еве како:
Започнете со тоа што едноставно ќе зборувате што е неизвесноста и какво е тоа чувство – експертите постојано велат дека еден од најмоќните начини на кои родителите може да им помогнат на децата во развојот на емоционална интелигенција е да ги научат да ги идентификуваат своите чувства. Децата треба да научат да ги забележуваат своите емоции и да ги именуваат, што е процес кој треба да започне на рана возраст.
Родителите треба да бидат искрени со своите деца, да не им даваат лажни информации
– Сè започнува кога им помагате на децата да развијат свој јазик за сопствените емоционални искуства – објаснува Кели Мур, психолог од Њу Џерси. Често тоа значи да им се помогне да идентификуваат што се случува во нивните тела, додава таа. Мур потенцира дека децата кои се соочуваат со неизвесност може да забележат забрзано чукање на срцето, потење, прашања и мисли низ главата. Може и да почнат да поставуваат многу прашања, вели таа. Неизвесноста и стресот произлезен од тоа може да се манифестираат на различни начини кај постарите деца, вели психологот Робин Гурвич, професор по психијатрија и бихевиорална наука во медицинскиот центар при Универзитетот „Дјук“. Тинејџерите може да бидат иритирани. Може да бидат расеани и да имаат проблеми со концентрацијата.
Секогаш бидете искрени за ограничувањата во однос на она што го знаете – родителите имаат разбирлив импулс за да ги заштитат своите деца, особено од стрес и неизвесност, но експертите предупредуваат да не се формираат одговори кои обезбедуваат лажно осигурување. Во ред е да се каже дека не го знаете одговорот или дека не знаете што ќе се случи.
– Родителите треба да бидат искрени со своите деца без да им обезбедуваат лажни информации – вели Стивен Мејерс, професор по психологија на Универзитетот „Рузвелт“ во Илиноис. Може да се зборува за надежите, но да ги штитите децата така што ќе им давате лажни информации нема да им биде од помош, вели тој. Тие мора да создадат способност да се соочуваат со неизвесноста во животот. Може да кажете: „Не знаеме секогаш што ќе се случи. Но, тука сме да те поддржиме“, вели Мур.

Модел на сопствена смиреност: „Ние сме првите огледала на нашите деца“, вели Мур. Затоа е важно родителите самите да работат на справувањето со неизвесноста, дури и во моменти кога мислат оти децата не ги гледаат и слушаат. „Поискреното објаснување од родителите им дозволува на децата подобро да се справуваат со сопствените чувства во врска со стресни вести и информации – вели Мејерс. Сепак, моделирањето смиреност не е исто како преправањето дека сè е во ред. Треба да се валидизираат емоциите – и вашите и на детето, но потоа да се проектира самодоверба дека заедно ќе најдете начин за справување, смета Гурвич.
Потоа помогнете им да идентификуваат активности кои ги смируваат – многу родители во 2020 година препознаа дека клучот е во имањето здрави начини за справување со емоциите, како медитација или доверување на пријател и слично. Родителите може да им помогнат на децата да најдат смирувачки стратегии кои ќе функционираат.
Да им се помогне на децата да се чувствуваат колку што е можно посигурни
– Без разлика дали е слушање музика, свирење, јога, трчање или прошетка, галење на миленичињата и слично – кои се вашите стратегии – вели Гурвич. Можете да зборувате со децата за моментите кога се чувствувале несигурни или загрижени, па да прашате што тогаш им помогнало во справувањето. Така може да се насочат кон тактики кои им помогнале во минатото или да развијат нови кои ќе ги практикуваат во животот, додава Гурвич.
Развијте структура околу нив.
– Навистина е важно да се креира предвидливост и рутина во вашиот дом – вели Мур. Колку што е можно, следете ја рутината за одење на спиење. Ако детето учи од дома годинава, обидете се да му дадете генерална слика за настаните што може да ги очекува. Идејата е да им се помогне на децата да се чувствуваат колку што е можно посигурни, за да бидат во подобра позиција во однос на справувањето со неизвесноста и стресот. Како што вели Мејерс:
– Родителите може да им обезбедат на децата уверување дека ги сакаат, дека ќе слушаат отворено за нивните грижи, дека ќе споделуваат информации кои ги знаат – и дека ќе објаснат оти незнаењето е дел од животот.
Автор: Кетрин Пирсон