Воспитување

Како да ги научите децата да престанат да зјапаат во луѓе со посебни потреби?

Беки Кекула, мотивациски говорник за лица со попреченост, објаснува што сѐ таа, како жена со раст на џуџе, преживувала затоа што била необична.

Како да ги приближите децата до проблемот со попреченост и како да внесете емпатија и да ги воспитате да ги прифаќаат луѓето што се различни од нив, советува Беки.

Една од важните задачи на родителите е да ги учат децата на бонтон. Не станува збор само за правилата за добро однесување на масата. Децата треба да се научат и како да покажуваат почит и да бидат внимателни кон другите луѓе. Но, постои една област што родителите несвесно ја запоставуваат. Ретки се оние што разговараат со деца за тоа како треба да се однесуваат кога ќе сретнат личност со попреченост што им буди љубопитност.

Во ред е да гледаат, но не безобразно да зјапаат

Иако не се согласуваат сите, на многу лица со попреченост им пречи начинот на кој ги гледаат децата.

– Луѓето се љубопитни – вели Беки. Таа е родена со ахондроплазија, ретка наследна болест што предизвикува џуџест раст. Како што вели, не ѝ пречи кога децата (или луѓето воопшто) ја гледаат, но ѝ пречи кога претерано зјапаат во неа и по некое време почнува да се чувствува како физичка закана. Уште понавредливо е кога родителите им кажуваат на децата дека не смеат да гледаат бидејќи не сакаат да бидат безобразни.

– Додека растев, најтешко ми беше да ги гледам родителите кои ги тргаа од мене своите деца и им кажуваа да не ме гледаат и да не разговараат со мене – вели таа.

Затоа, секој родител треба да го научи своето дете дека постои разлика помеѓу контакт со очите и дрско зјапање. Детето ќе треба малку да вежба затоа што тоа не е вештина со која сме родени.

Поттикнете го детето да поставува прашања

Децата се љубопитни и родителите не треба да се чувствуваат принудени да го „зауздаат“ тој инстинкт кога станува збор за лицата со попреченост. Ако вашето дете има прашање зошто другата личност изгледа или се однесува поинаку, дозволете му да го постави.

– Повеќе сакам кога ќе ми пријде некое дете и ќе ме праша она што го интересира, дури и ако на почетокот се чини како навредливо прашање – вели Бети.

Ако го спречите детето да постави прашање или му го одвлечете вниманието од личност која кај него предизвикува љубопитност, тоа ќе го научи дека сè што е различно е табу. Исто така, глумењето дека не забележувате физичка разлика или попреченост не е знак на толеранција; испраќа порака дека ви е непријатно.

– Кажете му на детето дека е во ред да гледа. Во ред е да праша, како што е во ред да не знае како да се однесува. Најдобриот начин да се реши ова е да постави прашање – вели Џенифер Ласло Мизрахи, претседател на непрофитната организација „Риспектабилити“.

Не е работа на другите да го едуцираат вашето дете за попреченоста

Родителите треба да ги учат децата дека е во ред со почит да им поставуваат прашања на лица со попреченост, но исто така и децата треба да знаат дека е сосема прифатливо друго лице да одбие да одговори на нивните прашања. За лицата со попреченост, поставувањето граници може да биде основна форма на грижа за себе. И нивните граници мора да се почитуваат. На крајот на краиштата, лицата со попреченост не се одговорни за едукација на луѓето без попреченост.

– Важно е да го научите вашето дете за попреченоста, но не да го направите тоа пред лицата со попреченоста – предупредува Мизрахи.

Направете го тоа дома

Редовно разговарајте со децата, дури и на оваа тема. И не мора да се грижите ако не ги знаете одговорите на сите прашања. Како и со сè, книгите се одличен извор на знаење и за попреченоста. Ако вашето дете каже нешто што може да му наштети на лицето со попреченост, без оглед на неговата намера, вашата улога е да интервенирате. Замолчувањето или влечењето на детето не е решението.

Ако вашето дете постави грубо прашање, дајте му до знаење дека тоа не е правилно и повторете му го тоа уште еднаш.

Но, како да му се извиниме на лице кое можеби било повредено од дете?

Мизрахи предлага да кажете нешто во согласност со следново: Жал ми е, сè уште немавме можност да разговараме на оваа тема. Се надевам дека не се чувствувавте непријатно поради нас.

Непријатните моменти понекогаш е невозможно да се избегнат. Ќе се случат и тоа е во ред. На крајот, целта е да се научат децата како да се однесуваат кон лицата со попреченост со исто ниво на грижа и почит како и секој друг.

Автор: Кетрин Пеарсон

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top