Домашните обврски се едноставни, но кај многу родители може да предизвикаат лутина, огорченост или нервоза кога ќе помислат дека детето не учествува во нив
Кога вашите деца нема да си ги соберат своите работи, може да си помислите дека тоа значи дека не ве сакаат или почитуваат. Може да се чувствувате лути, огорчени или изнервирани, па се јавува прашањето како сме завршиле во улога на слуга на нашето кралско дете.
Карањето на децата за домашните задолженија може да донесе почит, но и отпор
Премногу често обидите да се вклучат децата во домашните задолженија се претвораат во форма на лути барања. Можеби ова ќе доведе до моментална реакција, но ефектите нема да траат. Суровото карање од фрустрираниот родител сигурно нема да ги натера децата да ја прифатат нивната улога на вредни соработници во домаќинството. Ниту едно здраво дете нема да ја прифати пораката: „Јас страдам, треба и ти да страдаш!“
Колку време децата ги извршуваат домашните обврски?
Семејствата денес се зафатени. Според истражување на американскиот аналитички центар „Пју“, околу 60 отсто од семејствата имаат двојни приходи. Мајките поминуваат 18 часа неделно извршувајќи ги домашните обврски, додека кај татковците тоа се 10 часа. Колку часа поминуваат децата? Според истражувањето на Сандра Хоферт, децата од 6 до 12 години во просек трошат помалку од три часа неделно. Иако е важно децата да немаат обврски како возрасните, помошта околу домашните задолженија нема да им наштети – напротив, ќе им помогне.
Кои се придобивките?
Понекогаш родителите не ги вклучуваат децата во извршувањето на домашните задолженија бидејќи им се чини дека им даваат премногу работа. Сепак, постојат добри причини зошто децата треба да бидат дел од домашните задолженија.
Прво, тука е компетентноста – со извршувањето на домашните обврски децата ќе стекнат животна вештина. Второ, тука се вредностите. Задолженијата на децата им испраќаат порака – да се биде дел од семејството значи дека треба да дадат напор и да прават одредени работи. Трето, тука е прашањето за личната благосостојба. Истражувањето покажува дека децата се чувствуваат посреќни кога даваат значаен придонес во семејството.
Охрабрете го детето
– Извршувајте ги обврските заедно – секој учи како да ги извршува домашните задолженија, па така, ако заедно ги извршувате, ќе им помогнете да научат. Не заборавајте да им давате позитивни повратни информации.
– Воспоставете рутини за обврските – обврските и задолженијата стануваат рутина кога ги извршуваме на дневно ниво. Кога вашето дете го закачило палтото на закачалка, тогаш може да јаде. Кога си ја фатило чинијата од масата, тогаш може да оди да си игра. Иако е потребно време за да се формираат навиките, ќе треба да бидете во близина за да видите дали вашето дете ги извршува.
– Менаџирајте со задолженијата – децата повеќе сакаат да извршуваат пократки задолженија отколку цел маратон на чистење. Целта ви е вашиот дом да биде чист во рамките на нормалата, а не совршено чист.
– Направете ги задолженијата забавни – пуштете музика. Оставете ги децата да ги користат уредите за чистење во кои уживаат. Ако вашиот став кон чистењето е послободен, тогаш вашите деца повеќе ќе сакаат да учествуваат.