Другарката на мојата ќерка – Ејвори ги изненади сите со тоа што не се вклучи во софтбол тимот. „Таа едноставно не сакаше да го направи тоа“, ми рече нејзината мајка Ким. „Ја прашавме дали сака да се занимава со нешто друго и таа рече дека можеби сака да биде дел од навивачкиот тим“. Се обидов да не ја испуштам вилицата од изненадување. Ејвори беше клучен играч претходната година. „Што мисли вашиот сопруг?“, прашав. Тој беше тренер на тимот на девојки и на тимот на неговиот син. Лицето на Ким се вцрвени. „Тој нема проблем во врска со тоа“. Кимнав со главата и на крајот реков: „Добро за Ејвори што направила нешто што сака“. И добро за нејзините родители. Сигурно било тешко да се повлечат и да ѝ дозволат да се откаже од спортот што за нивното семејство е активност која очигледно ја сакаат.
Не знам зошто Ејвори го промени своето мислење за софтболот, но мило ми е што нејзиното семејство ја поддржа нејзината одлука. По една година откако го имав овој разговор со нејзината мајка, ја забележав Ејвори како се вози со велосипед низ градот, во униформа за хокеј на трева, со палка што ѕирка од нејзиниот ранец. „Добро за неа“, си помислив уште еднаш. Понекогаш е тешко да се открие кои спортови би можеле да ги сакаат нашите деца и уште потешко е воопшто да ги мотивираме да играат. Следниот пат кога вашето дете ќе биде „заглавено“ во однос на оваа тематика, размислете за овие 5 начини за да ги мотивирате децата да се вклучат во спорт.
Отстранете го притисокот од вашето дете
Без разлика дали се работи за настап или само за играње, можеби ќе треба да го минимизирате притисокот за спортот и вашата желба за вашите деца да се вклучат во тимот. Според Азиа Мејп од „USA Today High School Sports“, „добронамерните родители и тренери ненамерно можат да ја уништат мотивацијата преку претерано фалење или притисок врз децата“. Помал притисок, исто така, ќе го олесни справувањето со неуспехот. Ниту едно дете нема да ја игра секоја игра и ниту еден тим нема да победи на секој натпревар.
Размислете за личноста на вашето дете
Дали е повеќе социјален или тивок тип? Дали ужива да работи со други или да прави работи сам? Како што истакнува Мејп, долгите, тивки трчања во тимот на крос-кантри групата се разликуваат многу од кошарката поради физичкиот контакт и тимските овации. Во последниве години мојот син го откри скијањето во спуст. Излегува дека не му се допаѓа натпреварувањето во тимски спортови и претпочита спорт што му дозволува да се предизвикува без публика или трофеи на целта.
Дознајте дали спортот е забавен за вашето дете
Постојат начини да ги мотивирате децата во спортот, но причина број еден треба да биде забавата. Само прочитајте кое било интервју со професионален спортист: „Играм затоа што ја сакам играта“. Дури и кога играв одбојка на колеџ и кога мојот тренер нè натера да правиме исцрпувачки тренинзи за физичка сила, ја сакав играта доволно за да верувам дека вредат тие тешки делови. Прашајте ги вашите деца дали се забавуваат. Ако некое од вашите деца се двоуми, дознајте што не му се допаѓа во спортот и разговарајте што може да се направи за да се промени тоа.

Одлучете се за вистинските цели
Што сака вашето дете да постигне во кошаркарскиот тим? Дали е тоа за да се дружи со пријателите? Или да работи на вештини за да се стане ѕвезда? Кога ќерка ми се поколеба околу тоа дали сака повторно да игра софтбол оваа година, признавам дека помислив: „Но, толку многу се забавувам гледајќи ги вашите игри во четврток навечер!“ Кои се вашите цели за вашите деца? Приоритетизирањето на нивните цели пред вашите може да помогне ако сакате да ги мотивирате децата во спортот.
Дајте му го на вашето дете последниот збор
Ако вашата ќерка е посветена тенисерка и едноставно не е мотивирана да продолжи да вежба, можеби треба да се одмори од спортот и да ја преиспита својата цел. Дали таа игра тенис за вас или за себе? Дали е преоптоварена со премногу други активности? Дали нејзините интереси се промениле? Ако сакате таа едноставно да се занимава со спорт и не е важно кој спорт, нека одлучи самата.
Како и родителите на Ејвори, отстапете и видете што избира вашето дете. Можеби ќе бидат потребни неколку сезони за да се најде некоја активност што ќе му се допадне, но тоа е во ред. Донесувањето одлуки, преземањето шанси и ризикувањето се квалитети што им се потребни на сите спортисти – и поединци – за да успеат на теренот и во животот.
Автор: Мери Џо Вајс