ПРАШАЊЕ: Би сакала да прашам како да ја подобрам комуникацијата со моето 10-годишно дете. Имено, детево оваа година почна да не сака многу да учи, ни кажува лоши зборови дома и по 1 час игра на телефон. Исто така, се степа со другар на училиште зашто не сакал да изгуби. Прашањето ми е дали е моја одговорност да учам со него и како да сум посмирена?
ОДГОВОР: Добре дојдовте во светот на родителите кои даваат сѐ од себе, учат со своите деца и ги поттикнуваат, будно го следат детето и заинтересирани се за неговите промени и потреби. Овој исказ ве прави само една храбра и присутна мајка. Додека се прашувавте како да ја подобрите комуникацијата со своето дете и како да останете посмирени, вие сте дале сѐ што сте можеле и знаеле, сѐ што чувствувавте дека е во ваша контрола и моќ. Вашата потреба да ги зацврстите родителските вештини е за поздрав и голема поддршка.
Она што треба да го знаете во овој вид на родителска психоедукација е активното слушање како модел од кој детето учи. Децата учат како да слушаат преку тоа како се слушани. Слушањето е чин на поврзување, не само информирање, Суштината на комуникацијата родител-дете не е пренос на информации, туку градење и одржување на врската. Да се слуша со љубопитност, а не со судење, создава емоционален мост преку кој се развиваат доверба и автентичност. Да внимаваме на бариерите во комуникацијата. Тоа се типични грешки кои ја прекинуваат емпатичната врска како: совети и поуки пред да слушнеме што навистина се случувало („Требаше така да направиш…“), постојано минимизирање („Па не е тоа ништо страшно“), етикетирање („Ти секогаш претеруваш“), прекинување и наметнување на вашите теми. Овие реакции го учат детето дека нема смисла да се отвори за да биде разбрано.

Тишината како дел од комуникацијата е исто така многу важна. Да се остави простор за пауза, тишина или размислување е форма на почитување на детската внатрешна динамика. Некогаш детето не знае веднаш да каже зошто нешто го боли или фрустрира. Слушањето без притисок му дава простор тоа да го открие само. Користете „Јас“ пораки наместо „Ти“ осуди. Наместо: „Ти никогаш не ме слушаш!“ подобро би било „Се чувствувам разочарано кога зборувам, а не знам дали ме слушаш.“ Ова е начин за отворен дијалог. Обезбедете време еден на еден за да ги возобновите старите или да воведете нови активности кои ве поврзуваат. Негувајте го тоа во секојдневието. За секој совет и понатамошна насока и поддршка, ви стоиме на располагање со контакт на hristina_psihologija@yahoo.com. Дотогаш, останете таква каква што сте, за вашето дете сте најдобра мајка на светот.
Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Психит“, е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com