Интервју со Елена Мирческа, дипломиран психолог и сертифициран GCDF кариерен советник

Елена е дипломиран психолог и сертифициран GCDF кариерен советник со 5-годишно работно искуство во доменот на човечки ресурси, а дел од своето време го посветува на кариерно советување во Семос Едукација.

Елена, кажи ни што значи кариерно советување и кога е најдоброто време да се спроведе?

– Кариерното советување претставува процес на заедничка соработка, комуникација или дискусија меѓу клиентот и советникот, преку која клиентот добива поддршка, помош, охрабрување или мотивација од советникот при носењето одлуки поврзани со изборот на кариера.

Патувањето на индивидуата низ потрагата по своите интереси започнува од рана возраст. Родителите, опкружувањето и образованието понатаму го надополнуваат процесот на себеистражување кој може да води до важните прашања поврзани со кариерата. Со навршувањето на основното образование (по 13-та година), кога развојно стануваат емотивно и психички позрели, децата веќе почнуваат посериозно да ја разбираат својата личност и да знаат што сакаат, а што не. Ова е воедно и адолесцентската возраст кога децата почнуваат да си ги поставуваат првите прашања со што сакаат да се занимаваат во иднина. Оттука и прашањата: „Што да се запишам во средно?“ „На што сакам да го трошам слободното време?“, „Кој курс да го посетувам?“ и сл. , кои навестуваат можност за кариерно советување, со цел детето да се поддржи во истражувањето на своите интереси и кариерните опции. 

Средношколскиот период е идеален за откривање на афинитетите и поставување на темелите на идната кариера кај овие деца. Зошто е важен разговорот со родителот и детето за тоа во кој правец ќе ја насочи својата кариера?

– Уште со самото раѓање, силно посакувајќи ја среќата на своите деца, родителите почнуваат да ги креираат визијата, соништата и очекувањата за иднината на своите деца. Сакајќи да ја постигнат оваа цел, свесно или несвесно, преку искажувањето на своите ставови, верувања и знаења за светот на работата, тие влијаат врз понатамошниот избор на едукација и кариера на нивните деца. Затоа, првиот чекор при вклучување на родителите во процесот на советување е да се зголеми нивната свесност за огромното влијание на нивните коментари и ставови врз кариерните избори на нивните деца. Притоа, при комуницирањето со своето дете, треба да внимаваат истото да не е наметливо и контролирачко, туку поддржувачко, охрабрувајќи ја љубопитноста на детето, која е примарен фактор во истражувачкото однесување и развојот на интересите.  Затоа велиме дека родителите имаат и улога на советници/ментори на своите деца, кои преку поставување низа прашања за истражување, ќе поттикнат одговори што ќе бидат корисни при носењето на одлуките поврзани со кариерните можности. И низ таа заемна размена детето ги добива потребната љубов и поддршка кои се од суштинска важност за градењето на самодовербата на децата во своите афинитети, но и во носењето посигурни одлуки во иднина.

Како изгледа кариерното советување на еден средношколец во кратки црти?

– Фазите во процесот на кариерното советување воопшто вклучуваат неколку чекори. Најпрво се запознаваме со природата на клиентот преку процена или самопроцена на вештините, потребите, вредностите и интересите, со цел клиентот да се поттикне да ги истражува можностите за работа или обука на постојниот пазар на труд, за на крај да се постави акциски план за постигнување на неговите цели кој ќе го донесе полесно до одлуката за остварување на образовните, односно кариерните цели.

Дали младите сакаат да се занимаваат или да бидат дел од ИТ-индустријата?

– Со оглед на тоа што младите денес растат опкружени со технологија во речиси секој аспект од нивниот живот, сметам дека сѐ поголем број млади размислуваат да ја насочат својата кариера во ИТ-индустријата. Имено, ИТ е најбрзорастечкиот сектор во светот што обезбедува работни места полни со можности за професионален успех. Исто така, оваа индустрија нуди брзо вработување, добри бенефиции и се преклопува со секоја друга дејност (од здравство до земјоделство) што им овозможува на ИТ-професионалците да изберат кариера што е во согласност со нивните интереси. Воедно, и некои истражувања покажуваат дека кај најголем дел од младите од 15 до 20 години доминира желбата за ИТ-кариера се должи на мноштвото бенефиции кои ги нуди ИТ-индустријата, како флексибилното работно време и можностите за напредување и  усовршување на нивните знаења.


За таа цел, Детскиот едукативен центар во Семос Едукација креира летни менторски програми за средношколци за Python и веб-дизајн (HTML/CSS) програмирање. Ова е одлична можност да се искористи летниот период за да се усовршат најбараните вештини на денешницата, а кариерното советување и испитот за сертифицирана диплома се добиваат гратис во оваа понуда.

(Комерцијална објава)



912

X